Еден од највлијателните рок бендови од поранешна Југославија „Бијело дугме“ ќе одржи концерт во Скопје на 12 април следната година во aрената „Борис Трајковски“, објави продукцијата „Прагма“.
Бендот во моментов е на славеничка турнеја низ регионот и Европа по повод 50 години од основањето. Турнејата се вика „Да се доживее стотата“ (Doživjeti stotu), a лидерот на бендот Горан Бреговиќ претходно најави дека ќе свират 50 концерти во 50 градови. Славеничката турнеја стартуваше во мај годинава во Домот на млади во Сараево, каде што бендот го имал еден од првите настапи во 1974.
На концертот во Скопје доаѓаат Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ, Младен Војичиќ-Тифа, Ѓиѓи Јанкелиќ, Огњен Радивојевиќ и Зоран Реџиќ.
„Не славам родендени, но 50-те години на ‘Бијело дугме’ сакам да ги прославам. Има нешто што ми се допаѓа во сето тоа. И после 50 години, некако уште ми е убаво да свирам, а има публика која сака да го слуша сето тоа“, изјави Бреговиќ.
Првиот пејач на бендот Жељко Бебек одбил да настапува на славеничката турнеја.