Славески: Бојкотот на маркетите е само фолклор кој нема да има никаков ефект

Професорот Трајко Славески во „Отворено“ на ТВ 24 рече дека најавениот бојкот на маркетите во петок нема да го даде посакуваниот ефект. Според него решението за ваквите проблеми треба да го најде пазарот, бидејќи тој е единствениот кој може да ги креира цените на производите.

„Ова е само фолклор и нема да има никаков ефект, она што нема да го купите во петок ќе го купите за време на викенд затоа што не можете да се лишите од потребите, така да најдобро е како што сите сме правеле да се истражува по маркетите и да се добиваат пониски цени за вашите производи“, рече Славески.

Тој објасни и дека најголем успех за задржување на стабилност на цените би имало кога би се намалиле инфлациските очекувања и барањата за раст на платите бидејќи како што објасни тој, на таков начин се подгрева инфлацијата.

„Ако очекуваме и мислиме дека цените ќе се зголемат наредните месеци, тоа ќе влијае и на фирмите и на потрошувачите и тоа само ќе ја зголеми инфлацијата. Пкрај тоа инфлацијата дополнително се подгрева ако постојано се зборува за зголемување на платите“, додаде Славески.