Трајко Славески, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ денеска презентираше дел од преодната стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за справување со здравствено-економската криза, кој се однесува на мерки поврзани со консолидирање на јавните финансии и финансиско консолидирање на земјата, како и мерки кои се однесуваат на финансиска поддршка за граѓаните кои на некој начин се погодени од кризата.
Тој рече дека во изминатите неколку месеци бевме сведоци на низок капацитет на владата во менаџирањето со јавните финанасии за што говори податокот дека во првите 5 месеци од годината имаме буџетски дефицит од 307 милиони евра, од кој само во мај буџетскиот дефицит изнесува 110 милиони евра. Според проекциите на МФ годинава ќе ја завршиме со буџетски дефицит од 750 милиони евра што ќе го приближи јавниот долг на Република Македонија до 60% од БДП на земјата. Она што е позагрижувачки е тоа што најголем дел од овие трошења се за непродуктивни цели, а многу помалку за справување со кризата.Поради сето ова е потребна сериозна консолидација на јавните финансии што ВМРО-ДПМНЕ ќе ја направи веднаш по формирањето на новата Влада:
– За таа цел ќе подготвиме итен ребаланс на буџетот со кој ќе се изврши целосно кратење на сите непродуктивни и неприоритетни трошоци кои не се во насока на справување со кризата и немаат дополнителна додадена вредност за економијата; Ќе се подготвиме план за реализација на сите планирани капитални инвестиции за 2020 година со цел стимулирање на домашната економија преку поддршка на градежниот сектор и сродни на него сектори. Дополнително, во буџетот за 2021 година ќе бидат планирани капитални инвестиции во износ поголем од 3,5 отсто од БДП – рече Славески.
Тој додаде дека ќе се разгледа можноста за натамошно одложување на кредитните обврски за оние граѓани кои сѐ уште ги чувствуваат ефектите од кризата и евентуално олеснување на кредитните услови за нив. Државата ќе ја разгледа можноста за покривање на дел од трошоците за камата за најзагрозените граѓани до крајот на 2020 година.
Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека поддршката треба да биде многу посеопфатна, со оглед на фактот што речиси сите граѓани во Македонија се економски и финансиски погодени од кризата. За таа цел, мерката ќе биде проширена и поедноставена со цел поголем број граѓани да добијат парична помош од државата за полесно справување со кризата.
– Во таа насока, предвидуваме: Обезбедување дополнителна еднократна парична помош во висина од 100 евра за сите вработени лица во државата чии примања не надминуваат 15.000 денари. Обезбедување еднократна парична помош во висина од 150 евра за сите невработени лица кои не добиле помош со мерката за национални платежни картички. Обезбедување еднократна парична помош во висина од 200 евра за сите лица кои ги изгубиле своите работни места поради кризата.Со овие мерки вистински ќе им помогнеме на нашите граѓани, но истовремено ќе им помогнеме на домашното стопанство и на туризмот со поттикнување на домашната потрошувачка, што, пак, ќе има дополнителни мултипликативни ефекти за националната економија – ијави Славески.
Тој додаде дека дополнително, ќе обезбедатпомош и поддршка за граѓаните во форма на поволни (бескаматни) кредити и грантови за сопствениците на приватни куќи и станови за поставување нови енергетски ефикасни фасади, прозорци, изолација на покрив и под, со цел намалување на потрошувачката на енергија.