Македонската политичка и економска ситуација е комплицирана, буџетот има прилично голем дефицит, а дефицит имаме и во надворената размена. Гувернерката на НБРСМ Бежовска-Ангеловска и министерот за финансии Бесими беа во ММФ да договорат аранжман за помош на македонската економија, наместо да издадат еврообврзница со потенцијално висока камата.
– Пред точно една недела на веб страницата на ММФ е објавено дека Македонија се обратила до оваа институција за аранжман од новата кредитната линија за Претпазливост и ликвидност. Бордот на ММФ има дадено одлука да се разгледа ова барање со тоа што во земјава ќе дојде нивна мисија за проценка на усогласеноста на земјава со нивните барања. ММФ во оваа криза, за разлика од претходната, се попопустливи. Не знаеме на колкав износ ќе се оди, дали ќе се оди на максималниот износ кој е нешто над 500 милиони долари. Како што е сега состојбата со приносите на еврообврзниците, последиците од кризите што настанаа од судирот во Украина, притисоците врз Владата… сето тоа го нарушува кредибилитето на Владата. ММФ во следните месеци ќе го разгледаат барањето на Владата, значи тоа нема да се случи брзо, вели проф. д-р Трајко Славески за Утрински брифинг.
Во 2007 година со последниот стенд-бај аранжман, кој е непопуларен во јавноста, ММФ по неколку години замина од Македонија, а земјава ја покрива седиштето во Виена, појаснува Славески и додава дека најновиот аранжман кој би бил двегодишен ќе има четири контроли, па оттука може да се каже дека ММФ се враќа во Македонија.
– Поригорозни мерки од ММФ може да има на полето на фискалната политика. За среќа, банкарскиот сектор добро ја издржа ковид падемијата и сѐ уште добро се држи. Од аспект на фискалната политика и трошењата Владата добро менаџира, а гледаме дека има одлука и за заштеда на 10 отсто од буџетите на институциите. Дополнителен притисок е драстичното покачување на минималната плата и веројатно тука ќе биде свртен интересот на ММФ, вели Славески.
Залагања за валутен борд имало и претходно, а дали ќе дојде до тоа ќе видиме. Во секој случај заради енергетската криза изгубивме контрола врз издатоците поврзани со заштита на стандардот на граѓаните, што силно го оптовари буџетот, коментира Славески за Утрински брифинг.
– Немам информации за тоа како котираат нашите обврзници на светските пазари, но ми се чини дека поради краткиот рок, максимум две години, за заем од ММФ од 500 милиони долари мора да се мисли и на задолжување на подолг рок а тоа е можно само преку обврзници, вели Славески.
Во врска со зголемувањето на платите од минималната до просечната и средната, Славески вели дека е попусто да се брка номинално зголемување кога платата ја губи вредноста поради порастот на цените.
– Денарот е воведен на вчерашен датум пред 30 години и добро си ја врши работата. Но, не ни треба инфлацијата што ја имавме во тоа време. Сега имаме висока инфлација дури и ако ја исклучиме увезената инфлација, кај нас се зголемени и цените на услугите што не е поврзано со надворешните процеси, вели Славески.