Славевски: Стапката на невработеност повторно ќе го надмине нивото од 20%

Предлог-мерките на ВМРО-ДПМНЕ во голема мера се совпаѓаат со тие на бизнис заедницата која се труди да го преброди овој тежок период, да ги задржи работните места и да ги одржи во живот претпријатијата во наметнатиот период на хибернација. Така, од ден на ден станува неспорно дека: а) помошта за погодените компании треба да се однесува и за март; б) субвенцијата за плати во висина на минималната плата е недоволна, а кога на тоа ќе се пресметаат придонесите и персоналниот данок кои се на товар на работодавачот, за голем број субјекти се чини дека е поприфатлива опцијата отпуштање на вработените со можно затворање на бизнисите – вели Трајко Славески, редовен професор на Економскиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и поранешен министер за финансии.

Професорот, кој е член Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, смета дека загубата во БДП би била по 1 отсто просечно месечно, со продолжена забавена активност во наредните неколку месеци, што сè заедно би значело дека 2020 година на економски план би ја завршиле со 3-4 отсто пад на БДП, при оптимистичко сценарио, и некаде меѓу 5 и 7 отсто пад на БДП при попесимистичко сценарио. Стапката на невработеност, откако се симна под 20%, сега продолжува да се качува и може повторно да го надмине нивото од 20%.

Како ги оценувате двата сета мерки на Владата?

Славески: На почетокот од март во една ТВ дебата со министерот за финансии Нина Ангеловска јасно кажав дека за кратко време може да ни се случи драстичен пад на економската активност и колапс на приходите во буџетот. Пораката беше дека, откако веќе беа регистрирани првите неколку случаи на заразени со новиот корона вирус, владата треба да има јасен план за справување со претстојната рецесија на економски план, паралелно со јакнењето на здравствениот систем за прифаќање и третман на заболените. За жал, разбравме дека за таков план сеуште не се размислувало, а увереноста дека земјата е целосно подготвена да се справи со какви било последици од кризата се темелела на „одличната кондиција“ во која се наоѓал буџетот во првите два месеци од годината. Наскоро дознавме дека во тој период, подготвувајќи се за предвремените парламентарни избори, владата на СДСМ веќе реализирала 25% од планираниот буџетски дефицит за цела година. Економистите ќе кажат дека со ова значително се намалил фискалниот простор за преземање на антикризни мерки за поддршка на доходите на вработените и на претпријатијата кога набрзо стана јасно дека економијата е силно погодена како резултат на пандемијата од болеста Covid 19.

Под притисок на јавноста и соочена со сериозните последици откако се затворија првите бизниси во земјата и луѓето започна да остануваат без работа, владата, следејќи го својот реактивен (пасивен) пристап да се раководи од тоа како постапувале другите земји, конечно излезе со т.н. прв сет мерки, од кој главна мерка требаше да бидат поволни кредити за ликвидност на малите и средни претпријатија, во износ од неколку милиони евра. Потоа уследи т.н. втор сет мерки, дизајниран на околу 200 милиони евра, кој понуди субвенција за исплата на плати во висина на износот на минимална плата од декември минатата година за погодените од кризата компании и сектори. Со оглед на тоа што во јавноста се познати мерките и реакциите на повеќето комори, експертите, опозицијата и други заинтересирани страни, јас ќе го изнесам мојот генерален став по прашањето за адекватноста и ефикасноста на овие владини мерки.

Владата, поради стеснетиот фискален простор за адекватен одговор на последиците од економската рецесија, тргна со многу рестриктивен пристап. Прво, предвидените износи за поддршка беа релативно мали во споредба со помошта што ја понудија соседните земји. Второ, се поставија прилично рестриктивни услови за претпријатијата да можат да се квалификуваат за помошта. Подоцна под притисок на јавноста уредбите со законска сила со кои се инаугурираа овие мерки се менуваа со цел олабавување на условите, што говори за слаб капацитет во владиниот тим за носење поефикасни и брзо спроведливи мерки. Трето, иако беше јавно укажувано, од поддршката беа испуштени значајни делови од економијата, каков што беше случајот со армијата самовработени лица. И ова подоцна мораше да се коригира со менување на веќе донесените уредби. Четврто, токму поради стравот од неликвидност во буџетот и неизвесноста за обезбедување финансиски средства од надвор, со мерките за поддршка на платите на вработените, а со цел зачувување на работните места, владата се оглуши на барањата на компаниите и предлозите од опозицијата поддршката да се однесува и на загубите во март, кога цели сектори престанаа со работа со декрет на владата заради потребата од спречување на ширењето на заразата со вирусот. И петто, поддршката за исплата на плати во износ на минималната плата, со обврска на работодавачите да ги покријат социјалните придонеси и персоналниот данок од доход создаде револт и забуна кај погодените компании. Ова сигурно ќе одврати голем број од нив од аплицирање за користење на помошта и отпуштање на вработени. Накусо, мерките на владата во оваа сфера се задоцнети, недоречени и конфузни.

Целото интервју на Славевски може да го прочитате ТУКА