Славија го шокираше Ренџерс, Јунајтед го исфрли Милан

По Арсенал, Рома, Динамо Загреб и Гранада, во четвртокот вечерта пласман во четвртфиналето на Лига Европа изборија Манчестер Јунајтед, Ајаск, Вилјареал и прашка Славија.

Големо изненадување приреди Славија Прага чии фудбалери на „Иброкс“ го победија Ренџерс со 2:0, и по 1:1 во првиот дуел се пласираа во четвртфиналето.

Олајинка во 14 и Станчиу во 74 минута погодија за гостите, додека шкотскиот тим мечот го заврши со два играча помалку. Во 61 минута беше исклучен Руфи, а во 72 минута Балугун.

Манчестер Јунајтед со 1:0 го победи домашниот Милан, откако „Росонерите“ претходно на „Олд Трафорд“ изборија ветувачки 1:1. Решавачкиот погодок го постигна Пол Погба во 48 минута.

Поранешниот повеќекратен европски првак Ајакс се пласираше натаму со двете победи над Јанг Бојс. Во првиот меч во Амстердам „Копјаниците“ славеа со 3:0, а во реваншот во Берн со 2:0., Голвите ги постигнаа Давид Нерес во 20 и Душан Тадиќ во 49 минута од пенал.

Со две победи во четврфиналето оди и Вилјареал, откако во реваншот против киевски Динамо забележа идентична победа како и во првиот меч од 2:0. Стрелец на двата погодока беше Жерард Морено во 13 и 36 минута.