Славко Јаневски е прв Македонец кој напишал стрип

Првиот стрип создаден на македонско тло во далечната 1937/38 година од Желимир Книвалд е објавен во весникот „За нас и о нама“. Книвалд тогашен ученик во шести клас во Втората машка гимназија во Скопје, бил роден во Словенска Бистрица во Словенија, а најверојатно бил Хрват.

Прв Македонец кој напишал стрип две години подоцна е познатиот македонски писател Славко Јаневски. Александар Стеванов од Штип, 37-годишниот млад истражувач и хроничар на македонскиот стрип за МИА вели дека во 1940 година Славко Јаневски го создал стрипот „Киќа и детективи“, кој на почетокот од идната 1941 година бил објавен во српското списание „Микијево царство“.

Со ова, според сегашните сознанија, Славко Јаневски е првиот етнички Македонец што објавил стрип. Тој се запишува во историјата на деветтата уметност и како автор на првиот македонски стрип со историска личност како протагонист, информација која што Стеванов ја открил неодамна. Тоа е стрипот „Крале Марко и орелот“, исто така објавен во Србија, во списанието „Стрип књига“, што спаѓа меѓу првите стрипови за популарниот прилепски владетел, кој во наредните децении ќе стане еден од најомилените ликови на стрип-авторите од некогашна Југославија. Пред Јаневски, стрипови за Крале Марко имаат објавено само двајца српски автори од руско потекло, Константин Кузњецов и Иван Шеншин.

Не помалку значајно е што по Втората светска војна, Јаневски го објавил и првиот стрип на македонски јазик, „Еден бункер падна“, кој на почетокот од 1945 година бил објавен во младинската периодична публикација „Пионер“.

Историјата на стрипот на македонско тло

Првиот стрип создаден на македонско тло е објавен во Скопје, во далечната 1937/38 година. Како што информира Стеванов, се работи за непретенциозен карикатурално-сатиричен стрип од една страница, објавен во петтиот број на весникот „За нас и о нама“, орган на културно-литературната дружина „Бранислав Нушиќ“. Како негов автор е потпишан Желимир Книвалд, тогашен ученик од шести клас (денес втора година средно) во Втората машка гимназија во Скопје, во чии рамки функционирала дружината. Објектот на гимназијата, што денес не постои, се наоѓал во Градскиот парк во Скопје и е познат како Ислахане.

Интересно е да се спомне дека во неговата непосредна близина, во 1909 година се одиграл првиот фудбалски натпревар на македонско тло, правејќи го тој простор значаен не само за зачнувањето на деветтата уметност кај нас, туку и на фудбалот.

Стрипот на Книвалд, кој е ненасловен, поради неговата тема е познат во стрип-историографијата како „Репортажа низ II машка гимназија“, а на некои места е именуван според публикацијата во која што е објавен.

– Информацијата за овој најстар стрип создаден на македонско тло ја дознаваме благодарение на Јелица Тодорчевска, музиколог вработена во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а првпат јавно е обзнанена од втемелувачот на македонската стрип-историографија, истакнатиот писател и драматург Томислав Османли. По околу три децении од објавувањето на првото издание на книгата „Стрип – запис со човечки лик“ на Османли, во која пишува за стрипот на Книвалд, односно точно 100 години по неговото раѓање, биографијата на овој скопски стрип-пионер првпат е објавена во 2020 година, појаснува Стеванов.

Тој надоврзувајќи се на истражувањето на Осмaнли, тоа го пишува во книгата „Жељко Книвалд: белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“ објавена како двојазнично македонско-англиско издание, како и во неговиот опширен напис „Ж за Желимир Книвалд“ објавен во четвртиот број на „Стрип алманах“. Во нив, воедно, првпат е објавена портрет-фотографија на Книвалд.

Од истражувањата на Стеванов дознаваме дека Желимир – Жељко е роден во 1920 година, во Словенска Бистрица, Словенија, и дека веројатно е од хрватско потекло. Во Скопје се доселил поради професијата на неговиот татко кој бил воено лице. По успешното завршување на средното образование во Втората машка гимназија во Скопје, Книвалд заминал прво во Белград, каде во 1940 година се запишал на Факултетот за фармација, по што се преселил во Загреб каде што ги продолжил студиите. По дипломирањето работел како фармацевт во Пула, а потоа како раководител на централната аптека во главниот град на Хрватска. Во Загреб останал до крајот на животот во 1998 година, повремено дружејќи се со цртањето, без да дознае дека тој е основоположник на стрипот на македонскиот културен простор. Сепак, благодарение на книгата на Стеванов, со овој факт се запознаени неговите наследници кои живеат во Хрватска.

Јаневски го напишал првиот стрип со историска личност – Крале Марко

Александар Стеванов информира дека неколку години по создавањето на стрипот на Книвалд, во историјата на деветтата уметност кај нас се запишува и еден Македонец. Тоа е Славко Јаневски, кој во годините по војната стана познат македонски писател и академик.

– Иако на македонската јавност ѝ е добро познато дека Јаневски е автор на првиот објавен роман на стандарден македонски јазик, ретко кој знае дека тој во младоста се занимавал со стрип. Ексклузивна информација која кај нас досега не била објавена е дека во 1940 година Јаневски го создал стрипот „Киќа и детективи“, кој на почетокот од идната година е објавен во српското списание „Микијево царство“. Со ова, според сегашните сознанија, Јаневски е првиот етнички Македонец што објавил стрип. Тој се запишува во историјата на деветтата уметност и како автор на првиот македонски стрип со историска личност како протагонист, информација која ја открив неодамна. Тоа е стрипот „Крале Марко и орелот“, исто така објавен во Србија, во списанието „Стрип књига“, што спаѓа меѓу првите стрипови за популарниот прилепски владетел кој во наредните децении ќе стане еден од најомилените ликови на стрип-авторите од некогашна Југославија. Пред Јаневски, стрипови за Крале Марко имаат објавено само двајца српски автори од руско потекло, Константин Кузњецов и Иван Шеншин, појаснува Стеванов.

Александар Стеванов освен што создава стрипови истражува и публикува и книги за стрип уметноста

Освен што создава стрипови, Стеванов во последните три-четири години активно се занимава со проучување на македонскиот историски стрип, а веќе десетина години и на македонскиот стрип вооошто. Автор е на поголем број написи за историјата на домашната деветта уметност, а има објавени и неколку книги на таа тема. Меѓу нив, се досега четиритомната „Визуелна хроника на македонскиот стрип“, во која го опфаќа периодот 1990-2015, „Македонскиот стрип во изданијата на новосадски Дневник“, „Приказна за лекарот, поетот и стрип-пионерот“, „Плави вјесник, 9-тата уметност и земјата каде што сонцето вечно сјае“, како и на претходно споменатата „Жељко Книвалд: белешки од потрагата по авторот на првиот стрип создаден во Македонија“.

Како еден од ретките македонски стрип-хроничари, продолжувач на делото на Османли, Александар Стеванов е вклучен во меѓународниот проект „CAN for Balkans“ во улога на истражувач, задолжен за изготвување студија за македонските историски стрипови, со нивно документирање, како и на анализа на нивните особености и на најчестите стереотипи и клишеа што се реќаваат во нив. Заедно со студиите за романскиот, српскиот и за албанскиот историски стрип, истражувањето на Стеванов беше објавено минатата година.

Тој воедно е и селектор на македонските стрипови изложени на изложбата за историски стрип што неодамна беше отворена во Ликовниот салон во Велес, а која македонските стрипољупци ќе можат да ја посетат до 27 март, како и на придружните текстови кон нив. Пред нејзиното официјално отворање во Локалната библиотеката „Гоце Делчев“ во Велес, Александар Стеванов одржа едночасовно предавање на тема „Македонски историски стрипови“. Освен делата на домашните стрип-автори, на мултимедијалната изложбата, која пред да допатува во Велес, беше поставена во Брашов, Тирана, Брисел и во Лесковац, се изложени стрипови и на автори од Романија, Србија и Албанија.

Стеванов потенцира дека истражувањето што го направил го изненадило и него.

– Ние Македонците имаме исклучително богата историја на стрипот, не како српската и романската, но сепак многу многу побогата одошто вообичаено кај нас се мисли, што и мене многу ме изненади, потенцира Стеванов.

Тој информира дека освен Славко Јаневски, стрипови за Крале Марко. создаваат и македонските стрип-творци Спиро Џајков, Боро Пејчинов, Илија Илиевски, Диме Иванов-Димано, Никола Темков и парот Стојче и Еми Тоциновски. За царот Самуил, пак, три стрипа создава македонскиот најстар жив стрип-автор Миле Топуз. Неколку стрипови за истиот средновековен владетел создава и веројатно најзначајниот македонски автор на 20 век, Љупчо Филипов, а интересно е да се спомне дека стрип на истата тема има реализирано и т.н. татко на југословенскиот и хрватскиот стрип – Андрија Мауровиќ.

– Во 2014 година, на илјадагодишнината од ослепувањето на неговата четиринаесетилјадна војска беше предвидено да излезат два стрип-албума за царот Самуил, што сепак не се случи, појаснува Стеванов.

Непосредно пред Јаневски да стане првиот Македонец што објавил историски стрип, како што информира Стеванов, на историски стрип работел и Панде Јаревски. Темата на неговиот стрип кој не успеал да го објави е Втората светска војна, односно навлегувањето на германската војска во Битола.

Тој појаснува дека во првите години по Војната, стрипот во тогашна Југославија бил сметан за шунд литература што ја расипува младината и како таков се соочувал со репресии.

Првиот историски стрип објавен кај нас, што го пронашол Стеванов, бил создаден дури во 1952 година. Негов автор е Мето Петров, етнички Бугарин родум од Србија што во тоа време живеел во Скопје, а бил објавен во дневниот весник „Нова Македонија“. Се работи за делото „Кузман Капидан“, за кое авторот Петров запишал дека е работено според „македонска народна песна“. По две години, Душан Перчинков го создал стрипот „Сердарот“, што следи слична приказна, а кон крајот на педесеттите години на минатиот век стрип на историска тема, стрипувана биографија за поетот Кочо Рацин, создава и нашиот истакнат стрип-автор Миле Топуз.

За Кочо Рацин во поново време е објавен и стрип-албум, во авторство на Ване Трајков и Димитриј Михајловски, а како што информира Стеванов, има повеќе македонски стрипови и за Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Хацон, Пребонд, Стрез, Карпош, Мис Стон, Гемиџиите, Вера Јоциќ, како и за Александар Трети Македонски, за чие детство е објавен и стрип-албум во боја.

Неколку стрипови има и за нашиот најголем македонски револуционер Гоце Делчев, од кои интересно е да се спомне дека сценариото за првиот го напишал истакнатиот писател Ѓорѓи Абаџиев.

– Со тоа Абаџиев, кој е познат како нашиот прв историски белетрист, а своевремено бил на функција директор на Институтот за национална историја во Скопје, во историјата на македонскиот стрип се запишува и индиректно, појаснува Стеванов.

Како што дознаваме од истражувањата на Александар Стеванов, првиот луксузен македонски стрип-албум „Мис Стон“, кој воедно е и нашиот прв стрип-албум на историска тематика, е базиран на истоимениот игран филм за кој Абаџиев го напишал сценариото. Во авторство на Зоран Танев, преку здружението „Стрип арт“, стрип-албумот е објавен во 2000 година.

– Можеби поради тоа што повеќе наши историчари се јавуваат како сценаристи на стрипови, историскиот стрип е еден од трите столба на македонскиот стрип. Другите два, се детскиот стрип и оној со политичко-сатирична содржина од кои најпознат е „Пецко“ на Дарко Марковиќ. Покрај Ѓорѓи Абаџиев, други наши историчари што пишувале сценарија за стрипови се Драган Ташковски и Илија Јордановски. По либерализацијата во Југославија, меѓу другото и по однос на стрипот, во шеесеттите години на минатиот век тие изработуваат поголем број стрипови со историска тематика што се појавуваат во едицијата „Никад робом“ во издание на „Дечје новине“ од Горњи Милановац. Во оваа едиција што своевремено се печатеше во Скопје, свои стрипови објавуваат и Миле Топуз и Љупчо Филипов. Оние на тема од македонската национална историја, имајќи предвид дека во најголем дел ги следат историските факти, Во тој период се користеле и како помошно средство на часовите по историја, појаснува Стеванов.

Студијата за историјата на македонските историски стрипови, која Стеванов ја изготви во рамките на проектот „CAN for Balkans“, вклучува и анализа на самите стрипови.

Меѓу најчестите клишеа што се среќаваат во македонските исторски стрипови, но и во албанските, српските и во романските историски стрипови, Стеванов го посочува тоа што странците најчесто се претставени како негативци.

– Сепак, постојат стрипови што се исклучок од ова правило. Таков пример среќаваме во „Шенко“, стрип кој Миле Топуз го црта според истоимениот роман на писателот Киро Донев. Освен што е претставен како позитивец, во него Турчинот Амед е во исто време и најзанимливиот лик. Друго клише е што за протагонистите во балканските историски стрипови нивните автори најчесто избираат машки ликови. Исклучок од ова е на пример стрипот „Сирма војвода“ што Љупчо Филипов го реализира по сценарио на Илија Јордановски, објавен во едицијата „Никад робом“, во кој што титуларната хероина воедно е прикажана и како поспособна од мажите, појаснува Ставанов.

Модерните стрипови на македонско тло се појавуваат подоцна од останатите балкански земји, но ние Македонците имаме графичко-секвенцијални дела кои се еднозначни со стриповите. Тоа се хагиографски или житајни икони создадени од средината на 14 век многу порано пред другите народи.

Модерните стрипови, во потесното значење на зборот, на македонско тло се појавуваат релативно доцна, значително подоцна од првите стрипови објавени во поголемиот дел од земјите во регионот. Во Грција, Бугарија и Романија, на пример, првите стрипови се создадени во последната деценија на 19 век, а во Хрватска и во Србија дури и претходно. Сепак, ние имаме долга и богата историја на графичко-секвенцијални дела, односно на такви што по својата суштина се еднозначни со стриповите, а кои некои стрип-теоретичари ги сместуваат во праисторијата на оваа уметност. Такви се на пример хагиографските или житијни икони, во кои преку секвенца од повеќе слики поставени една до друга е прикажан животот на одреден христијански светител. Од сите вакви творби од просторот на некогашна Југославија што досега ги има откриено, а кои се неколку стотици на број,најстарите се создадени токму на македонско тло, потенцира Стеванов.

– Тоа се хагиографската икона „Св. Никола со житие“ од црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, создадена уште во средината на 14 век, и иконата „Житието на Св. Ѓорѓи“ од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга, која датира од 15 век. Ние Македонците имаме исклучително богат фонд на вакви дела, а втората икона којашто ја спомнав, онаа на Св. Ѓорѓи од истоимената црква во Струга, воедно се смета и за една од десетте највредни икони во светот, не само од тој карактер, туку и воопшто, рече Стеванов.

Тој додава дека меѓу ваквите графичко-секвенцијални творби се вбројува и икона на која е прикажан животот на Св. Параскева, создадена во 1719/1720 година, која што извесен Стојан од Скопје, раководител на еснафот на крзнарите, ја подарил на Пеќската патријаршија. Оваа хагиографска икона која денес се чува во Музејот на СПЦ во Белград, претставува прва врска меѓу историите на македонскиот и српскиот стрип. Друга таква врска наоѓаме во ликот и делото на Јован Јовановиќ-Змај. Овој истакнат српски поет, кој воедно е и еден од пионерите на стрипот во Србија и на Балканот, е со делумно македонско семејно потекло од таткова страна, информации што во својата македонско-англиска книга „Приказна за лекарот, поетот и стрип-пионерот“ објавена пред две години ги открива Стеванов.

Иако најголемиот број хагиографски икони се насликани на дрво, Стеванов споделува дека кај нас постојат и такви што идентично, како и модерните стрипови, се изработени на хартија.

Како таков редок пример ја посочува хартиената икона „Св. Јован Крстител со сцени од житието“ од црквата „Св. Богородица“ во село Ботун, Дебрца, создадена во 1793 година, пред точно 230 години.

Завршувањето на обврските од проектот за историски стрип во рамките на „CAN for Balkans“, за Александар Стеванов не значат крај на неговиот ангажман за проучување на историјата на македонскиот стрип. Тој во моментов работи на својата нова публикација, „Македонскиот стрип во ревијата ЈУ стрип“, која што со поддршка на Министерството за култура очекува да излезе од печат за неколку месеци.