Славните ABBA снимија песни по 35 години пауза

Некогаш планетарно славната шведска поп-група ABBA објави дека ги снимиле првите нови песни од распаѓањето на бендот во 1983 година.

Четиричлениот бенд, еден од најуспешните во историјата на популарната музика со стотици милиони продадени носачи на звук ширум светот, објави на Instagram дека се снимени две нови песни за проектот во рамките на порано планираните настапи на нивните водачи.

„Одлуката да продолжиме со возбудливиот проект на концертните настапи на нашите аватари имаше неочекувана последица. Сите почувствуваме дека по 35 години би било забавно повторно да ги здружиме силите. И го сторивме тоа. И беше како времето да застанало, како да сме биле на кратки празници. Можеби ное сме престарени, но песните се нови. И тоа е добро чувство“, се истакнува во објавата на бендот.

Една од новите песни, под наслов „ I Still Have Faith in You“ ќе ја има својата премиера во специјална телевизиска емисија во декември годинава.

Еден од членовите, Бјорн Улвеус, на почетокот од седмицава откри поединости од планираниот проект, кој всушност беше најавен пред две години. Централниот дел ќе бидат две двочасовни шоу емисии во заедничка продукција на NBC и BBC во коишто бендот ќе настапи во облик на компјутерски креирани аватари. За таа цел членовите на групата се дигитално подмладени и ќе изгледаат како и во 1979 година, кога ABBA беше на својата трета и последна светска турнеја.

Аватарите во 2019 година треба, според најавите да заминат и на светска турнеја. Иако снимиле два нови песни, вистинските членови на бендот немаат никаква намера да ги обноват своите концертни настапи.

Групата АBBA, формирана во Стокхолм во 1972 година, ја сочинуваа Агнета Фaлтског, Бјорн Улвеус, Бени Андерсон и Ани-Фрид Лингстад, во октомври 2016 година објавија дека цел на нивната соработка ќе биде реализирањето на оригинален проект во шоу-бизнисот, „кој ќе им овозможи на новата генерација поклоници, да ја слушната и почувствуваат (групата) ABBA така како што никогаш не можеле да ја замислат“. Никакви други поединости не беа објавени.

Во јуни, истата година, четворицата членови на ABBA заедно ги изведуваа свои песни во стокхолмскиот клуб „Бернс“ на вечерта во чест на 50-годишнината од почетокот на заедничкото творештво на Улвеус и Андерсон кои соработувале шест години претходно, од 1966 година.

Шведскиот квартет ABBA е еден од најпопуларните бендови во историјата на популарната наука. За десетте години од постоењето, бендот издаде осум албуми, а многубројни колекции од нивните најголеми хитови се издаваат и денес.

Групата којашто се проби на светската сцена благодарение на Евровизија во 1974 година и хитот „Waterloo“ изведуваше комбинација на поп песни, раскошни мелодии и добри аранжмани, како хитовите „Knowing Me, Knowing You“, „Take a Chance on Me“, „Dancing Queen“ или „Mamma Mia“ што ѝ помогнаа да продаде над 400 милиони плочи во светот. Обожавателите на ABBA годишно купуваат до 3 милиона носачи на звук со нивната музика.

Четворката на крајот се распадна, а двете брачни двојки Фрида Лингстад и Бени Андерсон, и Бјорн Улваеус и Агнета Фалтског – се разведоа.

Тие можат да бидат горди и на филмскиот мјузикл „Mamma Mia“ базиран на музиката на ABBA кој досега го гледале повеќе од 60 милиони луѓе во стотици театри во целиот свет, како и на музејот во Стокхолм посветен на групата.