Следната година ќе се овозможат субвенции за купување нови велосипеди

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, на својот Фејсбук профил објави видео со кое најавува нови мерки за унапредување на велосипедската инфраструктура.

-Со цел решавање на сообраќајниот хаос, но исто така решавање и на дел со проблемот на загадувањето, имавме многу корисна средба со GoGreen, на која што договоривме две работи коишто многу ќе помогнат на сите оние коишто користат велосипеди. Прво, измена на Правилникот за урбанистичко планирање со којшто јасно ќе биде дефинирано на кој начин ќе се спроведуваат и ќе се градат велосипедски патеки за веќе инвеститорите да немаат изговор да не ги градат истите, сега ќе бидат обврзани да ги градат и второ, веќе после Нова година почнуваме политика на Министерството за транспорт за субвенционирање на дел од трошоците за купување на велосипеди со цел што повеќе луѓе да користат велосипед, истакна тој.

Николоски посочи дека од една страна ќе работат на инфраструктура за велосипеди, а од друга страна на овозможување на сите коишто сакаат да купат велосипед.

-Се надевам ова ќе е еден чекор напред кон користење на велосипеди, имање на подобра велосипедска инфраструктура, секако побрза комуникација и поздрава животна средина. Одиме напред! – oбјави министерот Николоски.