Во моментов интензивно се работи на изградбата на новиот објект на Струмичкиот театар и истиот ќе биде готов во првата половина од наредната година.
За ова информира министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која денеска беше во работна посета на Општина Струмица. Таа изврши увид во изградбата на театарот и во реновирањето на фасадите во старата чаршија, како и во реализацијата на проектите на националните установи од културата.
Интензивно се работи на реконструкција на театарот. На почетокот на април бев во посета и денес може да се види дека е забрзана динамиката на изградбата. Веќе се чувствува театарската сцена, просторите, гримиорните, другите простори за техничка служба, салата, сценската кула. Ме радува што забрзано се работи. Овој објект е од големо значење на Струмица. Голем дел од орнаментиката ќе се врати на старото место. Оригиналната врата, која сега се наоѓа во Центарот за култура, ќе биде повторно поставена, рече Канческа- Милевска.
Министерката е задоволна и од реновирњето на фасадите во старата струмичка чаршија. Тие треба да бидат готови до крајот на месецов.
-Покрај фасадата на архивската зграда која е целосно готова, се пристапи и кон обнова на фасади во старата чаршија во Струмица. Верувам дека е од огромна важност за струмичани овие објекти да го добијат автентичниот изглед и да им се врати археолошкиот сјај. Изработени се двата проекта, интензивно се работи на првите два објекта кои до крајот на јули ќе бидат готови. Потоа ќе се пристапи кон обнова на фасадите и во другите објекти во старата чаршија. Многу ни значи и позитивната реакција на граѓаните, но и на трговците кои работат тука. Со овој проект продолжуваме. Покрај старата чаршија, имаме опфатено и други објекти кои се споменици на културата, истакна Канческа- Милевска.
Во рамки на проектот на Министерството за култура за обнова на музејските поставки, во Струмица ќе има нова која ќе биде отворена во декември и ќе содржи три дела – историја, археологија и етнологија.
Во музејските поставки се презентираат голем број нови наоди најдени на археолошките капацитети. Се надевам дека ќе има и едукативен карактер. Ќе има посети од ученици, граѓани, туристи, сите да се запознаат со она што го поседуваме како културно богатство. Во Струмица еден дел е завршен. Ги видовме и новите витрини кои се набавени. Поставката ќе опфати историја, археологија и етнологија. Ќе има и сувенирница, на горниот посебен дел ќе има едукативно катче, појасни Канческа-Милевска и додаде дека Министерството заедно со музеите работи и на обнова на музејските депоа.
Нагласи дека помагањето на локалните културни настани е врвен приоритет на Министерството кое ќе продолжи да ги поддржува проектите на Центарот за култура „Антон Панов“, на театарскиот фестивал „Ристо Шишков“ и филмскиот „Астерфест“, како и на бројни други културни настани. Во оваа пригода таа му ја честиташе наградата Национален уметник на струмичкиот поет Никола Маџиров, која ќе му биде врачена на Денот на независноста – 8 Септември.