Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во текот на следната недела ќе ја донесе одлуката за цената што ќе ја плаќаат скопјани за парно греење во наредната сезона.
Како што истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, до крајниот рок, односно до 31 мај, трите компании на централниот систем за греење ги доставиле своите барања.
– Сите три компании бараат зголемување на цената на топлинската енергија. БЕГ бара зголемување од 1,82 отсто, ЕСМ Енергетика побара зголемување од 64,79 отсто, а Скопје-Север побара зголемување на крајната цена за 15,54 отсто – рече Бислимовски на денешната средба со новинарите.
Тој нагласи дека цената на гасот учествува со околу 70 проценти во крајната цена што се плаќа за парното греење.
– Во моментов цената на природниот гас на светските берзи бележи значителен раст за повеќе од 50 отсто во однос на цената на гасот од минатата година кога се носеше одлуката за цената на парното греење – истакна Бислимовски и додаде дека во пракса летната цена на природниот гас е повисока отколку што беше зимската цена во 2020 година.
На централните системи за греење во градот Скопје на трите компании заклучно со април годинава се приклучени околу 60.000 станови што претставува раст од околу 2.000 нови потрошувачи.