До Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) пристигнати се сите пресметки на енергетските компании за трошоците, кои значат корекција на цената на струјата. Доколку бидат прифатени такви какви што се, тоа би значело поскапување на струјата за 13 проценти, изјави за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Во наредниот период РКЕ ќе ги анализира барањата на компаниите, а одлуката ќе ја соопшти околу 20 јуни, по што од 1 јули би требало да важи новата цена.
Бислимоски соопшти дека Електродистрибуција побарала зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, бара зголемување од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем, за 53,51 процент.
Процентот што го бара МЕМО, според него, навидум е голема бројка, но таа влијае врз цената на струјата за помалку од 0,5 проценти. Вкупното влијание на цената на МЕПСО, пак, е нешто под пет проценти.
-Доколку ги прифатиме сите овие барања тогаш тоа би значело зголемување на цената на електрична енергија од 12,75 проценти, односно за 13 проценти, изјави Бислимоски.
Барање нема доставено само ЕВН Хоум поради тоа што не знае која ќе биде цената по која ќе ја набави струјата од ЕСМ, од повластените производители и ако има потреба, и од слободниот пазар.
РКЕ ќе информира во наредните денови на што се темелат барањата за зголемување на цената, а како што вели Бислимовски, најверојатно е поради зголемени трошоци во работењето.
-Ќе видиме дали е тоа прифатливо за нас или не. И претходно кажав, не сум баш приврзаник за промени на цената на електричната енергија сега, рече Бислимоски.
Прашан за влијанието на враќањето на стапката на ДДВ од 18 проценти во цената на струјата, повтори дека РКЕ носи одлуки без ДДВ и оти ќе се задржи на делот што го регулираат.