Слепите и лицата со оштетен вид добија апликација – пишаниот текст ќе го слушаат во аудиоформа

Слепите лица и лицата со оштетен вид во земјава првпат добија апликација со која ќе им се овозможи пишаниот текст да го чујат во гласовна форма. Апликацијата „Кико“ ќе биде бесплатна, достапна во мобилна и декстоп-верзија, сега на македонски јазик, а за неколку месеци и на албански јазик. Покрај слепите и лицата со оштетен вид, апликацијата ќе можат да ја користат и лица со тешкотии во учењето, односно оние кои информациите најлесно ги разбираат кога се во говорна форма.

– Слепите лица и лицата со оштетен вид првпат ќе добијат функционална современа и соодветна алатка која ќе им овозможи поголема независност во сите сфери на општествениот живот. Апликацијата аудиочитач ќе биде достапна во мобилна и десктоп-верзија. Ќе биде лесно разбирлива, а текстот ќе се изразува со природен глас. Оваа апликација е голем исчекор напред затоа што во моментов тие слушаа роботски глас, кој е несоодветен и нецелосно разбирлив, рече на денешната презентација на апикацијата министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на промоцијата, истакна дека оваа апликација, која, како што рече, е лесно применлива за сите возрасти со користење на системот на претворање текст во говорен глас, ќе овозможи непречена комуникација, движење и целосно вклучување во општеството и достоинствен живот на оваа ранлива категорија граѓани.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Нарине Сахакјан на презентацијата истакна дека од суштинска важност за лицата со попреченост е пристапот до образование, вработување, но и пристап до информации и комуникации.

– Апликацијата „Кико“ е важен момент во повеќегодишната посветеност на УНДП во поддршка на националните чинители да ги исполнат своите заложби за спроведување на меѓународната конвеција која нагласува дека сите лица со било каков вид на попреченост мора да ги уживаат сите човекови права и слободи, но, има за цел, исто така, и да го заштити нивното достоинство, рече таа изразувајќи надеж дека оваа апликација може да биде основа за натамошно развивање слични дигитални производи кои малку ќе им го олеснат секојдневниот живот на лицата со попреченост, рече Сахакјан.

За слепите лица и лицата со оштетен вид ова е голем чекор напред во нивното осамостојување и остранување на пречките со кои досега се соочувале.

Со говорната синтеза, како што рече претседателот на Сојузот на здруженија на слепи лица Жарко Селковски, многу се подобрува и се олеснува секојдневниот живот на слепите лица во домот, при движењето, при учењето, за вработување, да може да си ги завршуваат сите работни обврски и без никакви проблеми да можат да остваруваат свои приходи.

Со ова дигитално помагало, додаде, ќе бидат посамостојни во работа и со телефонот и со компјутерот.