Десет години слепите лица не добиле зголемување на додатоците за попреченост и за туѓа нега, а не добиваат ни помагала, за што бараат системско решение. Револтирани, денеска протестираа од Домот „ Даре Џамбаз“ до Влада, каде ги искажаа своите барања. Се пожалија дека досега повеќе пати се сретнале со министерката за труд и социјална политика и со претставници на Националното координативно тело при Владата, но немало резултат. Затоа денеска бараа и остварија средба со премиерот Ковачевски. А, за исходот од средбата од МТСП најавија писмено соопштение.
Тргнаа од пред Домот „Даре Џамбаз“, фатени за јаже, со транспаренти на кои пишуваше „ Едно општество за сите, а каде сме ние ?“ и „ Не игнорирајте, свртете се кон нас“, со полициска придружба повеќе од 100 слепи лица стигнаа пред Владата.
Протестот што го организира Националниот сојуз на слепи лица, кој брои 2500 членови е да се слушнат нивните барања, зашто средбите со министерката за труд и социјална политика и со претставници од Националното координативно тело при Владата, досега не вродиле со плод, рекоа од Сојузот.
- Нашите барања се следни: Значи да биде додатокот за попреченост 40% од просечната плата на Македонија. 30% – туѓата нега, од просечната плата и помагала за слепите бидејќи верувам дека сме единствена држава на оваа земјина топка каде што слепите немаат никакво право за помагала- Жарко Селковски- претседател на Национален сојуз на слепи лица на Македонија.
Додатоците последен пат биле зголемени пред 10 години за само 500 денари и сега изнесуваат 7500 денари за попреченост и 4700 денари за туѓа нега. По примерот на други земји, бараат додатоците да се врзуваат со порастот на просечната плата, а не со трошоците за живот.