Словачка го испорачала своите борбени авиони „Миг-29“ на Украина

Словачка веќе ги испорачала сите 13 свои ловци од моделот „МиГ-29“ во Украина, потврди во вторникот словачкото Министерство за одбрана за новинската агенција TASR, а Братислава како награда за овој потег добила попуст за купување американски борбени хеликоптери.

„Трансферот е извршен со највисоки безбедносни мерки. За разлика од нашиот сосед, ние немавме корист од овие авиони“, потврди привремениот министер за одбрана Јарослав Над.

Подарувањето на 13-те борбени авиони „МиГ-29“ и дел од системот за воздушна одбрана „САМ-6 Куб“, и двете модификации на оружени системи од постоветскиот период, беше предмет на меѓувладин договор меѓу Словачка и Украина што владата во Братислава го усвои во март.

САД ѝ понудија на Словачка 12 нови хеликоптери „Bell AH-1Z Viper“ со дополнителна опрема, обука на пилоти и техничари, заедно со повеќе од 500 ракети „AGM-114 Hellfire“ во замена за донираните ловци „МиГ-29“. Словачката армија моментално воопшто нема борбени хеликоптери, па би добила сосема нова борбена способност.

Над изјави за TASR дека првичниот план за модернизација на вооружените сили не вклучувал набавка на борбени хеликоптери, бидејќи земјата нема пари да се купат 12 такви летала во износ од милијарда евра.

„Но, добивме попуст од речиси 700 милиони, односно треба да платиме само 340 милиони американски долари (околу 300 милиони евра), а во исто време ќе добиеме околу 250 милиони евра од European Peace Facility МиГ-овите и системот Куб што ѝ го дониравме на Украина, така што цената всушност ќе биде помала од 100 милиони евра“, објасни Над.

Придружните инвестиции во инфраструктурата нема да бараат дополнително зголемување на буџетот за одбрана, додаде тој.

Датумот кога владата на Словачка ќе се занимава со набавката на американските хеликоптери, зависи од испораката на официјалната документација од САД.

„Мислам дека се работи за неколку седмици и потоа без одлагање ќе го упатиме на седница на Владата“, рече Над, додавајќи дека прашањето ќе биде подложено и на меѓуресорски преглед“, најдоцна до летото оваа година.