![gasovod Turski tek Gazprom](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/gasovod-Turski-tek-Gazprom.jpg?resize=684%2C432&ssl=1)
Словачката гасна компанија SPP започна со увоз на руски гас преку гасоводот Турски тек од 1-ви февруари, а испораките се очекува да се удвојат од април, изјави во четвртокот претседателот на компанијата Војтех Ференц, објавија локалните медиуми.
Компанијата не планира да го раскине договорот со руската групација „Газпром“, кој трае до 2034 година, изјави Ференц за информативната веб-страница Dennik.N.
Според порталот, SPP ќе отвори подружница во Украина и ќе добие лиценца за да може да транспортира руски гас преку украинска територија. Словачкиот енергетски оператор потсети дека купувањето гас не од Русија, туку од друг извор, би било поскапо за 90 милиони евра на годишно ниво.
Извозот на руски гас преку цевководи од советската ера низ Украина престана на 1-ви јануари, откако Киев одби да го обнови транзитниот договор со Москва.
Словачка и Унгарија побараа продолжување на испораките, но тоа го отфрли Украина која изминатите децнии водеше неколку „гасни војни“ со Европа уценувајќи ја со повисоки тарифи и беше обвинета за поткраднување на испораките за европските коминтенти.
Словачка постојано изјавуваше дека би сакала да ја задржи можноста да добива гас преку украинската рута. Како што рече премиерот Роберт Фицо, украинскиот претседател Володимир Зеленски намерно им наштетува на финансиските интереси на Братислава и Брисел, иако Европската комисија забележа дека ниту санкциите, ниту европскиот закон не ја спречуваат Украина да продолжи да го тразитира енергенсот. Фицо, исто така, ја процени штетата за Словачка од губењето на способноста за транзит на руски гас во другите земји од ЕУ на приближно 500 милиони евра годишно, па дури и милијарда по повисоки цени, додека целата Европска унија, според него, ќе плати околу 70 милијарди за оваа авантура.
Словачкиот премиер Роберт Фицо минатиот месец изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и ветил на Словачка дека „Газпром“ ќе најде алтернативни начини за испорака на договорениот гас.
На првиот ден од февруари податоците на Европската мрежа на оператори на системи за пренос на гас (ENTSOG) покажаа дека испораките на руски гас преку цевководот Турски тек во Европа се зголемија за 26,7 отсто во јануари во однос на јануари минатата година, што претствува историски максимум.
Извозот на „синиот“ енергенс преку пунктот Странџа 2 – Малкочлар, кој се наоѓа на бугарско-турската граница, од 1-ви до 31-ви јануари изнесува 1,56 милијарди кубни метри или во просек 50,3 милиони кубни метри дневно. Тоа е за 26,7 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година – 1,23 милијарди кубни метри или во просек 39,7 милиони кубни метри дневно.
Претходниот максимум беше постигнат еден месец порано. Тогаш извозот на рускиот гас преку турскиот коридор во Европа изнесуваше речиси 1,53 милијарди кубни метри или во просек 49,35 милиони кубни метри дневно. Тоа е за два отсто помалку отколку во јануари.