Словачкиот премиер Роберт Фицо е меѓу животот и смртта два дена по обидот да биде убиен што ја шокираше Европа, изјави во петокот унгарскиот премиер Виктор Орбан за јавното радио.
Тоа беше првиот голем обид за атентат врз европски политички лидер во повеќе од 20 години и наиде на меѓународна осуда. Политичките аналитичари и пратеници велат дека тоа ја разоткри сè пожешката и поларизирана политичка клима во Словачка и низ Европа.
„Се молиме за премиерот и навиваме за Словачка. Му посакуваме брзо закрепнување и враќање на работа. Роберт Фицо е меѓу животот и смртта“, рече.
Орбан додаде дека дури и ако Фицо закрепне, тој ќе биде надвор од работата со месеци во критично време пред изборите за Европскиот парламент на почетокот на следниот месец.
„Ни претстојат избори кои ќе одлучуваат не само за пратениците во Европскиот парламент, туку заедно со изборите во САД, тие можат да го одредат текот на војната (во Украина -з.р.) и мирот во Европа“, рече Орбан.
„Во таа ситуација навистина би ни биле потребни Роберт Фицо и Словачка, која се залага за мир“, додаде десничарскиот унгарскиот премиер кој има идентични суверенистички ставови како и левичарскиот словачки колега по должност во односите со Брисел и кон односоте на Западот кон војната во Украина.