Словачкиот вицепремиер: Фицо е надвор од животна опасност

Словачкиот вицепремиер Томаш Тараба во средата доцна ноќта изјави дека премиерот Роберт Фицо моментално е надвор од животна опасност и верува дека ќе го „преживее“ атентатот.

„Колку што знам, операцијата помина добро и претпоставувам дека на крајот ќе преживее. Во моментов е надвор од животна опасност“, изјави Тараба за BBC.

Но, тој во моментов е единствениот политичар кој се изјасни дека премиерот е надвор од животна опасност, сите други претходно изјавија дека неговата состојба е критична. А телевизијата ТА3 објави дека по операцијата Фицо бил ставен во состојба на индуцирана кома, но дека е избегната критична загуба на крв.

Фицо бил опериран повеќе од три часа во болницата во Банска-Бистрица, во близна на Хадлова, во централниот дел од Словачка, каде претходно во текот на денот Фицо одржа седница на неговата влада.

Тараба истакна дека напаѓачот пукал од непосредна близина. „Тој беше тешко ранет. Еден куршум помина низ стомакот, а другиот го погоди зглобот“, рече тој.

Атентатот врз Фицо, политички ветеран добро познат во Европа, ја шокираше Словачка и целиот континент. Водечките европски политичари, вклучително, го осудија нападот и изразија шокираност и неверување дека тоа се случило.

Фицо бил застрелан од 71-годишен, поранешен чувар на трговски центар и аввтор на три зборки раскази и основач на литерарен клуб, од непосредна близина, додека Фицо им приоѓал на граѓаните по состанокот на владата во градот Хандлова. На интернет кружи видео од напаѓачот во кое се вели дека не ја одобрува политиката на актуелните власти и промените во словачката јавна телевизија, додаваат словачките медиуми.

Претходно денеска министерот за внатрешни работи Матуш Шутај-Ешток изјави дека нападот врз Фицо е политички мотивиран. Тој ги повика луѓето да не „шират омраза“ на социјалните мрежи и додаде дека во наредниот период ќе се зајакне заштитата на државните функционери и политичките претставници и на владејачката коалиција и на опозицијата, како и на поединечни медиуми.