![Venezuelas-Nicolas-Maduro-survives-drone-attack](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/08/Venezuelas-Nicolas-Maduro-survives-drone-attack.jpg?resize=640%2C360&ssl=1)
Словачка одби да го признае опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за легитимен претседател на Венецуела, приклучувајќи се кон Италија, која не го поддржа ставот на земјите од ЕУ и САД, пренесува Ројтерс.
Минатата недела словачкото Министерство за надворешни работи соопшти дека претседателот на венецуелското Национално собрание, Гуаидо е единствен легитимен претставник на народот и повика на нови избори. Министерот за надворешни работи Мирослав Лајчак, сепак не успеа да добие поддршка од коалициските партии на денешната седница на Владата.
Лидерот на владејачката левичарска партија СМЕР, Роберт Фицо рече дека во Венецуела гледа обид за соборување на постоечката влада и наметнување марионетска власт.
Словачка мора да дејствува во согласност со принципите на меѓународното право, истакна Фицо.
Помалиот член на коалицијата – десната Словачката национална партија (СНС), исто така, нагласи дека Словачка треба да остане неутрална, а партијата на етничките Унгарци МОСТ-ХИД, го поддржа ставот на ЕУ.