Словенечката влада одлучи да им ги врати парите на граѓаните и да ги укине казните изречени за прекршување на правилата за време на „затворањето“ поради пандемијата на коронавирусот.
Еден од примерите и симболите на суровиот начин на кој властите воведоа рестрикции за коронавирусот е доставувач од Љубљана кој е казнет со 400 евра. Во работното време седнал на скалите пред црква да се одмори и да јаде бурек. Тогаш полицијата му пришла и го казнила затоа што ја извадил маската. Сега тој доставувач ќе си ги поврати парите и ќе биде исчистено неговото полициско досие.
Истото важи и за повеќе од 60.000 други Словенци кои ги прекршиле мерките против ковид-19.
Полицијата изрече казни во висина од речиси 6 милиони евра во период подолг од две години. Но, од оваа седмица стапува на сила законот за враќање на тие пари.
Повратот на парите беше едно од ветувањата на премиерот Роберт Голоб пред неговото централно-левичарско Движење за слобода да победи на изборите минатата година. Претходната десничарска администрација, предводена од поранешниот премиер Јанез Јанша, воведе строги ограничувања на слободата на движењата и собирите.
На различни места, на Словенците не им беше дозволено да патуваат надвор од нивните локални области, а беше воведен и ноќен полициски час.