Словенечкиот лекар, кој на почетокот на годината беше осомничен за евтаназија на пациент пред умирање, по што е отворена полициска истрага, е уапсен и осомничен за повеќе кривични дела, меѓу кои и седум убиства, пишуваат словенечките медиуми.
Полицијата потврди дека е поднесена кривична пријава за повеќе од 20 кривични дела против животот и телото, човечкото здравје и човековите права, како и постапки со кои се прекршува службената должност и јавните овластувања.
Поранешниот лекар на невролошката клиника на Клиничкиот центар во Љубљана, Иван Радан, кој од јануари е под истрага дека повеќе години извршувал недозволена евтаназија со давање на тешко болните пациенти инфузија со мешавина од морфиум и калиум, по што беше отпуштен, во понеделникот е уапсен, пишува љубљанскиот весник „Дневник”.
Весникот наведува дека уапсениот лекар на своите пациенти без оправдување им препишувал големи количини психоактивни лекови, од кои наводно и самиот бил зависник, како и дека со истрагата во неговиот компјутер се откриени повеќе фотографии на евтанизирани пациенти, што исто така е противзаконско.
По откривањето на аферата во јануари Радан е отпуштен од работа, а постапка против него е покрената и од лекарската комора, за работење спротивно на лекарската етика.