Словенечките земјоделци во вторник протестираат пред зградата на парламентот во центарот на Љубљана, на вториот протестен митинг за еден месец, укажувајќи на зголемените оптоварувања и притисоци врз земјоделството.
„Доста е“, рече претседателот на Сојузот на словенечките земјоделци, Антон Медвед, и ја повика владата да ги исполни сите нивни барања во врска со укинувањето на еколошките и административните ограничувања, пренесува агенцијата STA.
Голем број земјоделци и нивни поддржувачи собраа кај Плоштадот на Републиката, а колона трактори беше формирана покрај патот кај парламентот. Демонстрантите носат транспаренти со натписи „Доста!“, „Нема иднина без земјоделство“ и слично.
Според лидерот на синдикатот, Сојузот на земјоделците заедно со другите невладини организации кои работат во интерес на земјоделството, одлучиле да започнат протест бидејќи условите за земјоделство се неодржливи. Медвед ги наведе еколошките ограничувања, даночните оптоварувања и неразумните закони „напишани од некои екстремни екологисти, далеку од фармите“.
Според него, синдикатот им дал време и можност на владата и на министрите заедно да изнајдат решенија. Но, синдикатот нивните одговори ги нарече неприфатливи, погрешни и понижувачки.
„Денеска сме овде затоа што сакаме да го зачуваме нашето право на земјоделство. Бараме одржливи работни услови и политика која ќе биде фер“, рече Медвед, истакнувајќи дека земјоделците се обединети како што не биле одамна и дека ќе истраат до крај.
Земјоделците ја повикаа владата да почне да работи на благосостојбата на земјоделството и да најде решенија за земјоделецот и потрошувачот.
Полициската управа на главниот град на Словенија соопшти дека поради митингот, сообраќајот во Љубљана е многу застоен и има големи доцнења, а граѓаните ги советуваа да не возат во центарот на градот освен ако е апсолутно неопходно. Полицијата ден претходно соопшти дека очекува од 2.000 до 3.000 учесници на протестот што ќе започне во вторник напладне во центарот на Љубљана. Со оглед на тоа што организаторот повика на протести и во месните заедници, се очекува протести да се одржат и на други места низ државата, соопшти полицијата.