Словенечкото претседателство очекува формални преговори со Скопје и Тирана

Словенечкиот премиер Јанез Јанша го инаугурираше во четвртокот во Љубљана почетокот на претседавањето на неговата земја со Европската унија заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и притоа двајцата потврдија дека се работи на формален старт на преговори со Македонија и Албанија во наредните шест месеци.

Јанша изјави дека проширувањето е стратешка цел на ЕУ и како таква тој очекува дилемите да се решат и да се постигне согласност помеѓу 27-те земји членки на Унијата во текот на претседавањето на неговата земја.

Фон дер Лејен, од своја страна, пак, потврди дека ќе бидат вложени напори од страна на Комисијата за постигнување на оваа цел.

„Посветени сме да оствариме напредок во процесот на проширување преку формално отворање на пристапните преговори со Албанија и Македонија, и го поздравувам организирањето на самитот со западен Балкан“, изјави шефицата на европската извршна власт.

Овој самит треба да се одржи во Словенија на 6 октомври.