Словенија ги впиша партизанските песни во регистарот на нематеријално културно наследство

Во нематеријалното културно наследство на Словенија од неодамна се регистрирани партизански песни, објавија медиумите. Словенечките партизански песни се појавуваат во текот на Втората светска војна, а по војната имало богата продукција на композиции за партизански песни напишани за хорови.

Иницијативата за впишување на партизански песни во регистарот на словенечкото нематеријално наследство ја даде Партизанскиот хор кој функционира како здружение во Љубљана.

Околу стотина песни се внесени во регистарот со цел да се зачуваат за идните генерации.

Во соопштението од словенечкото Министерство за култура, се наведува дека словенечките партизански песни потекнуваат од народни борбени песни, а настанале за време на Втората светска војна.

Во почетокот партизанските, како и борбените, патриотски, работнички и револуционерни песни ги пееле групи партизански борци кои биле дел од театарски или културни групи кои настапувале на културни манифестации во партизанските единици или на ослободените територии.

По Втората светска војна, партизанските песни бил столб на државната музичка продукција и дел од формалното образование.

По 1991 година, овие песни се изведуваа главно на неформални места, но во изминатите неколку години бројни хорови и пејачки групи повторно ги открија партизанските песни и нивниот културен потенцијал.