Словенија продолжува да ја финансира UNRWA и покрај израелските обвинувања

Словенија се приклучи на повикот на генералниот секретар на Обединетите нации за продолжување на финансирањето на агенцијата на светската организација за палестински бегалци (UNRWA), и покрај досега недокажаните израелски наводи дека некои нејзини вработени наводно учествувале во нападот врз Израел на 7-ми октомври, објави во вторникот словенечкото Министерство за надворешни работи.

„Словенија одлучи да продолжи да го поддржува финансирањето на агенцијата на ОН и покрај обвинувањата на Израел дека некои нејзини вработени учествувале во нападот на 7-ми октомври, бидејќи прекинот на финансирањето на УНРВА ќе ја загрози работата на агенцијата, а со тоа и животите на Палестинците во Газа и целиот Блиски исток“, посочуваат од министерството за словенечката службена новинска агенција STA.

Министерството нагласува дека UNRWA е една од најважните организации за заштита и доставување хуманитарна помош на милионите Палестинци, поради што Словенија лани ѝ доделила 1,2 милиони евра, најмногу во сите години досега.

Словенија нема договор за финансирање со UNRWA, а владата во од одлучува за придонеси во оваа агенција на ОН. Висината на придонесот во фондот на UNRWA за оваа година сѐ уште не е одлучена.

Се наведува и дека Словенија ја поздравува одлуката на генералниот комесар на UNRWA, Филип Лазарини, да покрене истрага за наводната вмешаност на вработени во UNRWA во „терористичките напади“ на Хамас врз Израел на 7-ми октомври. Министерството нагласува дека очекува темелна и независна истрага и утврдување на кривичната одговорност за сите инволвирани. Најавено е и дека ќе се одржуваат редовни контакти со раководството на агенцијата за ситуацијата.

„Главна цел на Словенија останува давање итна хуманитарна помош на сите на коишто им е потребна“, посочуваат од словенечкото Министерство.

Од UNRWA во петокот соопштија дека отпуштиле неколку вработени и започнале истрага по обвинувањата од Израел дека тие наводно биле вмешани во нападот на Хамас врз изрелскиот југ. Како резултат на овие обвинувања, САД како главниот поддржува на Израел беа првите што објавија прекинувањето на финансирањето на агенцијата, по што следеа неколку од сојузниците на Вашингтон – Велика Британија, Италија, Германија, Франција и Австрија.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, потврди дека обвиненијата, кои исто така ги истражуваат Обединетите нации, се однесуваат на 12 лица. Девет од нив добиле отказ, еден е загинат а идентитетот на уште двајца се утврдува. Тој ги повика земјите кои го прекинаа финансирањето барем да обезбедат продолжување на операциите на UNRWA. Гутереш и шефот на UNRWA, Лазарини уверуваат дека одговорните ќе одговараат за своите постапки.

Оваа хуманитарна агенција на ОН е основана во 1949 година и обезбедува хуманитарна помош, образование, социјални услуги и здравствена заштита на 5,9 милиони палестински бегалци во Појасот Газа, Западниот брег, Јордан, Либан и Сирија, кои ги напуштија своите домови и територии по насилствата и операциите на израелските сили веднаш по основањето во 1948 година на Државата Израел. Според веб-страницата на UNRWA, таа е една од најголемите агенции на ОН. Има повеќе од 30.000 вработени, вклучувајќи 13.000 само во Појасот Газа.