Словенечкото Министерство за труд предложи измени во Законот за вработување, самовработување и работа на странци, со кои ќе се усогласи со правото на Европската Унија и ќе се овозможи сезонската работа на странците да се прошири и на туризмот и угостителството.
Поради недостиг на работна сила, со предложените измени кои ќе бидат на јавна расправа до 6 февруари, се проширува терминот „сезонска работа“, кој досега беше ограничен само на земјоделството и шумарството, и во секторот туризам и угостителство, јави СТА.
Предлогот го намалува минималното потребно времетраење на договорот за странски работници за висококвалификувано вработување од една година на шест месеци.
Министерството за труд ќе им дозволи на странците кои престојуваат во Словенија од други причини, освен од работа, да се вработат врз основа на дозвола за привремен престој и информативен лист издаден од Заводот за вработување. Во ситуација на рекордно ниска невработеност, словенечките работодавци се соочуваат со проблемот на недостиг на работна сила.