Словенечката влада во средата мобилизираше поголем број припадници на резервниот состав на полицијата за да ги надомести полицајците кои се на годишен одмор, а поради зголемениот прилив од мигранти и засилениот сообраќај во туристичката сезона.
Се очекува дека потребата од контрола поради безбедносните предизвици до крајот на годината ќе се зголемат, како и обемот на задачите на полицијата во повеќе области од нејзините активности, соопшти словенечката влада.
Донесена е одлука во работата на полицијата до крајот на годината дополнително да се ангажираат припадници на резервниот состав на полицијата, иако по правило законското ограничување на нивното ангажирање е 30 дена во една година.
Во владата наведуваат дека опсегот на задачите на границата со Хрватска се зголемува поради порастот на илегални премини на мигрантите во однос на претходната година и поради сообраќајната безбеднмост која оваа година се влошила. Имено, до 17-то јуни на словенчките патишат загинале 52 лица, значително повеќе од 39 колку што настрадале во истиот период минатата 2018 година.
Директорката на словенечката полиција, Татјана Бобнар, минатата седмица за медиумите, по повод почетокот на обуката на новата класа полициски приправници, изјави дека кадровската ситуација во полицијата е критична и дека на полицијата ѝ се потребни 700 нови службеници.