Седуммина сведоци предложени од обвинителството беа сослушани на денешното рочиште за настаните од мај минатата година во кумановско Диво насеље.
Денес сведочеше и командирот Зоран Станојковски од полициската станица за граничен надзор Сопот, кој му бил претпоставен старешина на обвинетиот полицаец Арсим Бајрами за време на критичните денови на 9 и 10 мај. Станојковски лично го познавал Бајрами уште од 2009 година кога бил командир во ПС Гошинце.
Обвинетиот полицаец барал боледување
Станојковски, како што јавува „Република“ сведочеше дека Арсим Бајрами, за време на полициската акција во кумановската населба не се појавил на работното место, под изговор дека има болно дете, и побарал болување.
Тој објасни дека наредбата да бидат итно повикани сите на работа им била пренесена усно, а на средбата со претпоставените во Куманово им било наложено да ги затворат граничните премини на земјава за да нема илегални премини.
Сепак, на 9 мај, околу пладне Бајрами бил повикан на состанок во Куманово каде присуствувале сите полициски старешини и раководители каде и бил уапсен.
Околу 11 часот добив наредба од моите претпоставени јас, мојот заменик и шефовите на смена да се јавиме во полициската станица во Куманово на состанок. Ми беше наредено да го повикам Бајрами, иако знаеја дека е на боледување. Откако Бајрами пристигна на состанокот, припадник на полициските специјалци влезе во канцеларијата и го уапси, изјави командирот.
Тој пред судот истакна дека после тоа не знаел каде е Арсим се до 22 часот кога го повикале повторно во станицата, да присуствува на разговорот кој со него го воделе колеги од внатрешната контрола и од Одделот за организиран криминал.
Ноќта на распитот, на Бајрами му беа дадени фотографии за распознавање, а тој посочи дека знае некои од лицата на фотографиите, но имиња не спомнуваше, рече сведокот.
Сведочеа жителите на кумановско „Диво насеље“
Денеска пред судот сведочеше и роднина на обвинетиот Ирфан Љутвиу, Бејтула, кој е жител на кумановско Диво Насеље. Тој посочи дека го познава и обвинетиот Фадиљ Фејзулахи, кој имал куќа на истата улица. Фејзулахи, пак, според обвинителниот акт, им ја издал куќата на членовите на вооружената група.
Сведокот раскажа дека утрото кога започнала вооружената престрелка бил дома и видел дека се пука од куќата на комшијата отспротива. Според него, на 10 метри од неговата куќа имало полициски хермелин што го видел од прозорот на неговата соба. Потоа полицијата влегла во неговиот дом и извршила претрес.
Главната расправа продолжи со сведочења на уште неколку жители на кумановско „Диво Насеље“.
Во случајот „Диво Насеље“ 29 лица се товарат за тероризам и учество во терористичка организација. Во кумановските престрелки загинаа 8 полицајци, а над 40 беа тешко повредени.