Случајот „Феникс“ е театар и служи за дефокус од криминалите на власта

При денешната посета на општина Кисела Вода, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за случајот „Феникс“, истакна дека e тоа театар, фрлање сенка на идентитетските обележја и дефокус на јавноста од криминалот на власта. Го повика обвинителот да отвори истрага и да се провери кој дал дозвола за градба, кој го финансирал, како го финансирал споменикот во Слупчане…како и за многу други места каде има нелегални градби, како Зајас и Колари и други случаи.
„Тоа што беше театар пред јавноста, а се нарече случај „Феникс“, е исклучиво и само со една цел, а тоа е дефокус на јавното мислење, внимание, за да се дивергира од оние кои денеска купуваат со 10-тици милиони евра имот во центарот на Скопје. Ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум, девет години. Второ, на тој начин продолжува да се негира македонскиот идентитет, затоа што се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици кои имаат за цел да покажат еден историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет. Можеби е добро од тука, од оваа прес конференција, заедно со камерите, да појдете до споменикот од Слупчане и да прашате таму кој ја дал дозволата за градба, кој го финансирал и како е финансиран и го охрабрувам истиот тој обвинител да отвори предистрага. Нека се охрабри, барем предистрага. Или можеби сакате да одиме до Зајас или можеби сакате до Колари или сакате уште во неколку места да ве однесам во Македонија, каде што има такви нелегални градби и каде што има основано сомневање за еден можеби поспектакуларен случај од овој кој служи исклучиво за дефокус од криминалите на овие неколку семејства кои што денеска ја имаат за жал заробено Македонија. Но уште за кратко, овој народ што го гледате тука, но и оној што не го гледате, што е или дома или на своите работни места, масовно ќе излезе на следните избори и на сите овие криминалци во политиката ќе им порача дека е време за Идризово, а не е време за друго место вклучително и на оние нивни измеќари и слуги кои што себеси се нарекуваат опозиционери, а на дневна основа им слугуваат на овие политички криминалци“, истакна Мицкоски.