Случајот „Фонтана“ ист како и случајот „Космос“: Дали треба да биде уапсен градоначалникот кој легализирал привремен како траен објект?!

Денеска треба да продолжи уривањето на објектот пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје. До доцна во текот на вчерашниот ден тие работеа на терен и од она што може да се види е дека се срушени речиси половина од горната плоча на објектот и дел од бетонските столбови.

Рушењето на објектот започна вчера во утринските часови откако ден претходно Владата одлучи да им препорача на Општина Чаир и Јавното претпријатие за одржување на магистралните и регионалните патишта да склучат договор и да се почне со отстранување на дивоградбата.

Околу дивоградбата кај Мавровка се крена голема прашина во македонската јавност. Притисокот нешто да се превземе беше голем, а критиките за непостапувањето уште поголеми. Народот беше револтиран што општинската, гратската и централната власт убедуваа дека не можат да го најдат сопственикот. Па рушењето на дивоградбата стана прв проект по формирањето на новата Влада.

Рушење на дивоградба во Скопје имаше и во 2011-та година. Но, тогашната опозиција СДСМ на овој случај изгради цела политичка кампања која подоцна ја продолжи СЈО на осудената Катица Јанева. Случајот „Космос“ многу наликува на случајот „Фонтана“ кај Мавровка. Но, Зоран Заев и неговата партија денес рушењето во Чаир го претставуваат како херојски чин, а рушењето на дивоградба во Гази Баба го претставија како криминал!

Тогашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, со години е носен по судски рочишта, се терети за дела кои со документација ги побива, а беше неодамна и претепан.

Актуелниот градоначалник на Чаир си ужива во својата функција додека багери му рушат дивоградба пред нос. Ако заклучиме дека овие случаи многу наликуваат еден на друг, логично е да го поставиме и прашањето: Треба ли да се уапси градоначалникот што легализирал времен објект како траен објект?

Го бараа преку огласи, а вчера сам се појави и рече дека не се криел. Сопственикот на објектот кај Мавровка тврди дека ги има сите документи за градба и дека му се подмирени сите трошоци.

Неговиот план бил да го обнови кафулето, за кое рече дека и ден-денес не знае зошто од порано е мета на напади. Па дури и се понуди да му го подари објектот што се урива на оној што сака да му го земе.

-Градам со елаборат и проект. Само за комуналии и такси на Градот сум платил над 4,7 милиони денари за легализација. Политиката уриваше порано и ќе руши и сега, изјави Алити.

Новинарот Фуркан Салиу ги објави и уплатниците кои докажуваат дека Алити ја зборува вистината и дека има платено се.