Случај „Рекет“: Каде се парите? Како не ги најде обвинителството?

Адвокатот Панче Тошковски смета дека никој не верува на приказната за независни институции во најголемиот случај за корупција и криминал во историјата на Македонија, кој обинителката Вилма Рускоска го заврши со само тројца обвинети.

„Да се зборува во јавноста за рекет од околу 20 милиони евра, а во обвинение да имате само 1,5 милион евра, да се зборува за фрапантни изнуди, уцени, Луј Витон торби, префрлања пари на трансакциски сметки на физички лица, па да се правда тоа, а станува збор за суми над 700 000 евра, а имате само тројца обвинети… тоа е правна папазјанија“ вели Тошковски.

Тој во утринската анализа на Алфа ТВ кај новинарот Христо Ивановски додаде и дека досега ниту ОЈО ниту некоја друга институција не ја убедила јавноста дека делува независно и темелно.

„Обвинителството ниту мене, а сум поприлично сигурен било кој од јавноста не го убеди дека ова е случај кој што треба да биде пример како едно независно судство, еден независен орган како ОЈО би требало да се бори против корупцијата и криминалот. Никој од јавноста не е убеден дека случајот се води според одредбите од законот за Јавно Обвинителство, Законот за кривична постапка, законските одредби кои дефинираат како треба да се бори државата против корупција и криминал. Маглата која се обидуваат да ја продадат СДСМ и институциите под диркектна капа на СДСМ не поминува.“, рече Тошковски.

Тој вели дека од оваа постапка против Јанева, Јовановски и Милески не очекува задоволување на правдата бидејќи, сето она коешто беше досега презентирано во јавноста од обвинителството за начинот како ја воделе постапката му дава за право да не верува во независноста и непристрасноста на сите инволвираниинституции во процесот.

„Не можам да верувам дека со еден ваков процес треба да се задоволи правдата, правдата не може да биде задоволена со сомнителна истрага. Каде се парите, просто е прашањето. Каде се парите? Како не ги најде обвинителството? Не станува збор за милион ипол евра. Се зборува во јавноста дека рекетот поврзан со настаниве е преку 20 милиони евра. Како ќе ја убедиме јавноста дека ова треба да е пример за борба против организиран криминал и корупција?“, прашува јавно Тошковски.