Слупчанци го оставиле во мрак и граничниот премин Табановце чепкајќи во струјата?!

Покрај тоа што оставиле во мрак шест соседни села, манипулациите во електричната мрежа од жители на Слупчане предизвикале дефект поради кој без струја останал и граничниот премин Табановце на македонско-српската граница!

Информацијата ја потврди ЕВН, од каде што додаваат дека снабдувањето со електрична енергија на граничниот премин е обновено.

Слупчанци и денеска ги спречија да работат екипите на Електродистрибуција како пред три недели, по што повторно ја искршија трафостаницата, па без струја останаа и Оризаре, Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.

Во меѓувреме, месната заедница од селото се обрати до ЕВН со барање да им се простат сите досегашни долгови од по неколку илјади евра по домаќинство, во иднина да не им се фактурираат сметки над 3.000 денари без разлика колку ќе потрошат, верските објекти да бидат ослободени од плаќање итн.