На поранешниот службеник на Дејвид Соломон, еден од високите функционери на американската финансиска корпорација „Goldman Sachs“, Николас Де Мејер, толку му се допаднала колекцијата на шефот што украл неколку стотици шишиња во вкупна вредност поголема од 1,2 милиони долари.
Де Мејер е уапсен во Лос Анџелес и обвинет е за кражба на ретките и скапите видови вина. Во обвинението се наведува дека во периодот меѓу 2014 и 2016 година украл неколку стотина шишиња во вредност поголема од 1,2 милиони американски долари.
Од компанијата „Goldman Sachs“ објавија дека кражбата е откриена во 2016 година и веднаш е пријавена во полицијата. Де Мејер бил задолжен за транспорт на вината во винскиот подрум на Соломон во Источен Хемптон, во сојузната држава Њујорк.
Меѓу украдените шишиња се и седум шишиња бургундец од француската покраина Домен де ла Роман-Конти, којашто се смета за една од најдобрите, најскапите и најретки вински сорти на светот.
„Ретките вина имаат многу специфичен пазар, но доколку постои и најмала шанса за незаконско дејание, крадците ќе пронајдат начин да го прекршат законот“, вели за американските медиуми помошникот директор на Федералното биро за истраги (FBI), Вилијам Свини.
Педесет и петгодишниот Соломон е многу веројатниот наследник на сегашниот извршен директор на „Goldman Sachs“, Лојд Бланкфејн. Познат е како колекционер на ретки вина, а американското здружение на сомелиери „Society of Bacchus America“ во 2010 година го прогласи за Мистер Гурмет (Гурман).