Европската служба за поддршка на азил (ЕАСО) ќе се трансформира во Агенција за азил на ЕУ, што ќе помогне процедурите за азил во земјите-членки да бидат подобри, единствени и побрзи.
Договор за трансформацијата, клучна иницијатива во Новиот пакт и за миграција и за азил, беше постигнат денеска меѓу Европскиот парламент и Советот, соопшти ЕК.
Експерти на агенцијата (околу 500) ќе обезбедат поефикасна поддршка на националните системи за азил со што целокупниот систем на ЕУ за управување со миграцијата ќе биде пофлексибилен и одржлив.
Потпретседателот на ЕК за унапредување на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас потсети дека во септември ЕК го претставила предлогот за пактот на ЕУ за миграција и азил со цел создавање кохерентен европски систем за азил што работи добро. Тој додаде дека договорот меѓу ЕП и Советот претставува прв значаен чекор во таа насока.
„Агенцијата за азил ќе направи опиплива разлика во постапките за азил, ќе ја подобри заштитата на лицата и ќе пополни ’празнини’ заради поголема конвергенција помеѓу системите за азил на членките“, рече Схинас.
Европскиот комесар за внатрешни работи Илва Јохансон рече дека на ЕУ и треба одлуките за азил да бидат донесени побрзо и поправедно и да бидат со ист квалитет низ цела ЕУ.