Сме биле Македонци и пред 1944 и остануваме Македонци, му одговори Заев на Каракачанов

Ние не сме се разбудиле во 1944 со мисла дека сме Македонци, рече премиерот Зоран Заев запрашан за коментарот на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, кој рече дека пред 1944 година македонската нација не постоела.

– 1943-та, на 31 декември македонските граѓани не си легнаа како Бугари, а се разбудија на 1 јануари 1944-та како Македонци. Тие се Македонци низ вековите наназад. Се чувствувале Македонци и се чувствуваат Македонци. Тоа е нашиот директен одговор“, рече премиерот Заев.

Тој порача дека продолжуваат со пријателскиот наратив, но дека тоа што не повредува се реагира директно.

– Ние сме Македонци, сме биле Македонци и ќе останеме Македонаци. Затоа апелирам до Бугарија и до Каракачанов да знаат колку и тоа да е впечатливо кај нив, тука повредува. Затоа што кога некој повредува и зборува за твоите чувства, тоа важи за сите Македонци без разлика каде и да се во светот – вели Заев.

Премиерот рече дека секој има право на определба, а македонскиот суверенитет токму Бугарија прва го има признаено од соседните земји и верува дека ако ги почитуваат европските вредности ќе го почитуваат правото на Македонците за идентитетот, а тоа е дека сме Македонци кои што зборуваме македонски јазик.