Американската морнарица го смени командантот на носачот на авиони „Теодор Рузвелт“, Брет Крозиер кој напишал писмо, кое протекло во јавноста, а во кое бара построги мерки за контрола на инфекцијата со коронавирусот, што изби на неговиот брод.
Одземањето на командата врз бродот, со екипаж од пет илјади војници, на капетанот Крозиер му е соопштено од страна на американскиот секретар за морнарица Томас Модли, истакнувајќи дека командантот направил многу лоша проценка за време на кризата.
Смената, која се случи два дена откако писмото протече во јавноста, на драматичен начин покажува колку ширењето на коронавирусот е голем предизвик за американските институции, дури и оние кои се навикнати на опасни и комплексни мисии, како што е Пентагон.
Модли изјави дека писмото е испратено преку командниот синџир, но дека Крозиер не го спречил неговото ширење.
– Немам никакви информации, ниту сакам да сугерирам дека тој ги испратил информациите надвор. Го испратил писмото на многу луѓе, но не се погрижил тоа да не протече и тука е неговата одговорност. Со тоа непотребно е предизвикана тревога, истакна Модли на прес-конференција.
Овој потег беше критикуван од демократскиот сенатор Марк Ворнер, кој изјави дека на морнарицата и се потребни луѓе кои се подготвени да ги заштитат војниците. Тој нагласи дека Крозиер постапил патриотски, бидејќи „само се обидел да го направи она што е најдобро за неговиот екипаж“.
Досега заразата со коронавирус е потврдена кај повеќе од 100 членови на екипажот на бродот.
Американскиот носач на авиони „Теодор Рузвелт“ се наоѓал во Тихиот Океан кога морнарицата го пријави првиот случај на коронавирус на бродот пред една недела. Потоа бродот пристигна во базата Гуам.