Смртоносни бури ја погодија Европа, најмалку 13 мртви

Најмалку 13 лица ги загубија животите во четвртокот во силните бури коишто ја погодија Европа, а единствената позитивна последица е што помогнаа во гаснењето на големите шумски пожари кои го зафатија континентот/

Две деца на возраст од четири и од осум години загинаа во јужна Австрија во пад на стебло крај езеро во покраината Корушка. Десетина луѓе притоа се повредени, некои сериозно. Три лица, пак, загинале исто така од паѓање на дрвја посеверно во покраината Долна Австрија.

Во покраините Штаерска, Источен Тирол и Корушка возовите беа запрени поради прекин во снабдувањето со електрична енергија поради бурата, а паднатите стебла блокирале некои патишта, соопштија локалните власти.

На францускиот остров Корзика моменталниот биланс на жртвите во невремето е шест жртви, соопштија властите. Во камп во Сагон на западниот брег загинало 13-годишно девојче врз кое паднало девојче. На југ на островот загинала 72-годишна жена врз чиј автомобил паднал покрив од камп-куќичка на плажа. Загинале уште една жена во кајак, рибар и уште две лица.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дерманен, кој допатува на Корзика, изјави дека ветерот на островот дувал со брзина и до 240 километри на час. Во бурата се повредени уште 12 лица, од кои едно тешко. Поради невремето без струја останале 45.00 домаќинства. Силни бури погодиле и други области на Франција, потопувајќи ги улиците на пристанишниот град Марсеј и на блискиот Касис.

Најмалку две лица загинале во силната бура која го зафати италијанскиот регион Тоскана. Маж и жена смртно настрадале кога врз нив паднале стебла во крајбрежниот град Карара. Неколку друго лица се повредени како последици од штети предизвикани од брзината на ветрот кој достигнувал и до 140 километри на час и поради силниот дожд.

Предупредување поради невремето е објавено за целиот север на Италија, како и за некои централни делови на земјата. Пожарникарите до четвртокот попладнето имале околу 150 операции ширум северозападните покраина Лигурија и Тоскана. Централната покраина Емилија-Ромања, исто така, е сериозно погодена од невремето. Во екстремните временски услови оштетени се згради, а некои области останале без снабдување со електрична енергија.

Европа цело лето е погодена од екстремни временски прилики. Шумските пожари горат на југот на Италија, на островот Сицилија и на островот Панелериа, а северот од земјата по долготрајната суша е погоден од бури. Шпанија, како и соседна Франција, е погодена од шумските пожари, но дождот овозможи пожарот во Валенсија да биде ставен под контрола. Речиси 2.000 луѓе беа евакуирани, но сега може да се вратот, соопштија локалните власти.

Земјите во Европската унија ги доживеаја најголемите шумски пожари во овој период од годината откако во 2006 година започна заедничкото следење, соопшти Европската комисија.