Украина во четвртокот до вечерните часови го обновила снабдувањето со вода во Киев, ден откако ја обвини Русија дека го ракетирала главниот град, додека Москва негира дека извела удари врз украинската престолнина и за штетите ги обвинува украинските противвоздушни сили дека дејствуваат од системи поставени во станбените населби.
Во Киев сѐ уште траат напорите да се врати целосното снабдување со електрична енергија. По силните удари на украинската инфраструктура од средата, снабдувањето на градот со три милиони жители целосно падна поради прекин на струјата. Во многу делови од градот откажал системот за централно греење и немало струја, интернет, мобилни врски. Делови од Киев биле без струја и доцна попладнето во четвртокот.
„Всушност, сите области на Украина се снабдени со електрична енергија“, изјави за државната телевизија во четвртокот вечерта заменикот на шефот на претседателскиот кабинет Кирил Тимошенко искажувајќи оптимизам но не прецизираше колку Украинци добиле обновено снабдување со струја.
Во текот на врвот дури 70 отсто од Киев бил без струја, напиша градоначалникот Виталиј Кличко на Telegram. Комуналните служби работеле без престанување на санација на штетите, но снабдувањето на Киев со електрична енергија зависи и од стабилноста на целокупниот енергетскиот систем во Украина, вели киевскиот градоначалник.
Руската војска во средата истрелала повеќе околу 70 проектили и беспилотни летала врз Украина, како што тврди Киев. Како и во претходните удари, целите главно биле енергетските објекти кои според Москва се легитимна цел.
Зеленски го фали украинскиот дух
Во редовното ноќно обраќање кон петокот, украинскиот претседател Владимир Зеленси, ги пофали Украинците за духот на отпорот во руската инвазија.
„Издржавме девет месеци сеопфатна војна и Русија не пронајден начин да нѐ скрши. И нема да го најде“, изјави украинскиот челник.
Зеленски призна и дека е многу тешко било да се обнови снабдувањето со електрична енергија и вода по нападите врз инфраструктурата во средата, што го нарече „одмазда на оние кои загубија“.
Кремљ призна дека поради нападите тешки страдаат украинските цивили. Но, како што рече во четвртокот портпаролот Дмитриј Песков, Зеленски и другото водство во Киев може да ги запрат страдањата на цивилното населени доколку се согласат на руски барања за постигнување мир.
„Русија не ги напаѓа јавните и цивилните објекти. Немаше и нема да има напади врз општествените објекти“, рече Песков повторувајќи го обвинувањето на Москва дека украинската војска ги разместува своите борбени позиции во чувствителната цивилна инфраструктура како што се болници, училишта, детски градинки и станбени блокови.
Безбедноста на нуклеарката Запорожје
Во средата од енергетската мрежа беа исклучени трите нуклеарни централи кои се под контрола над украинските власти. Останува голем проблем најголемата нуклеарна централа Европа во југоисточниот дел на Украина – Запорошката централа која руската војска ја контролира од крајот на февруари, а делот од Херсонската област есенва беше присоединет на Русија. Неколку стратешки објекти од централата беа оштетени претходно седмицава во украинско ракетирање.
Руската државна енергетска компанија „Росатом“, во чиј систем е префрлена веќе нуклеарката Запорожје, го поддржува создавањето заштитна зона околу нуклеарката според предлогот на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), но само под руски услови. Имено, IAEA и Киев бараат Русија да ја предаде целосно централата на Украина и да ги повлече своите единици од регионот, што Москва решително го отфрла.
„Верувам дека ни е потребна (безбедната зона). Параметрите се јасни и беше разговарано со шефот на IAEA, Рафаел Гроси“, изјави директорот на „Росатом“, Алексеј Лихачев. Го изнесе својот предлог за тоа како таа зона би функционирала, вклучително и тоа дека на Украина нема да ѝ биде дозволено да стрела врз зоната или да се обиде да ја поврати со воени дејствија.
„За возврат, се разбира, Русија нема да распореди никакво офанзивно оружје или сили, туку само средства за физичка заштита и контрола на постројките“, рече Лихачев.
Гроси од своја страна предлага дека ниедна страна не смее да стрела врз нуклеарката, иако е небулозно тврдењето дека Русија самата би ги гаѓала своите единици и постројката која е под нејзина контрола. Челникот на IAEA, исто така бара на територијата на централата да нема никакво оружје „коешто би можело да придонесе за напад врз неа“.