Возот во кој биле европратеници, а во понеделникот сообраќал на линијата Брисел – Стразбур на пленарната седница во Европскиот парламент по грешка го промашил свртувањето и завршил на железничката станица во парискиот регион каде што се наоѓа забавниот парк Дизниленд.
„Возот беше насочен на станицата Марн-Ла-Вале, место околу 40 километри оддалечено од Париз, наместо на брзата линија за Стразбур. На дестинацијата, сепак, пристигна во 12.50 часот, со 45 минути задоцнување“, објави операторот SNCF во соопштението за медиумите.
Со оваа линија секој месец на пленарната седница во Стразбур од Брисел патуват неколку стотици европратеници и нивни колеги.
Многу брзо следеа серија коментари и шеги на социјалните мрежи.
„Дали мотото на Дизни ‘Кога магијата ќе стане стварност’ наскоро ќе стане мото на Евопскиот парламент?“, напиша на Х, Емануел Фулон, еден од портпаролите на парламентот во Стразбур.
„Дали ова ќе инспирира некој филм на Дизни? Пленарна седница и воз кој сакал да оди на одмор….“, исто така на Х објави Пеле Герстсен, советник на данска парламентарка.
„Ние НЕ СМЕ Парламент на Мики Маус“, се шегуваше и пратеникот Даниел Фрунд, член на Европската партија на зелените.