Снег падна во неколку турски провинции на брегот на Црното Море.
– Времето вчера беше прекрасно. Се разбудивме наутро – сè беше покриено со снег. Не е зима, туку лето, јуни! – изјави жител на селото Каврун Јилас, во провинцијата Ризе, пред телевизијата ТРТ Хабер.
Снег падна во голем број високопланински села во црноморските провинции Ардахан, Ризе и Болу, а популарен скијачки центар на вулканот Ерџиес во провинцијата Кајсери во централниот дел на земјата, е исто така покриен со снег, објави Си-Ен-Ен Турк.
Снежна покривка од пет сантиметри има и на планината Улудаг (Олимп) во близина на градот Бурса во западниот дел на Турција. Според ТВ каналот АХабер, минатата недела во оваа област температурата достигна +30 степени Целзиусови.
Турскиот метеоролошки завод предупреди на Твитер за обилни врнежи од дожд низ брегот на Црното Море и ги повика граѓаните да преземат мерки на претпазливост.