Снежна блокада на патишта и училишта во Алабама и Џорџија

Необичен студ ги зафати јужните американски држави. Властите во Алабама, Мисисипи, Луизијана, Џорџија, Северна и Јужна Каролина воведоа вонредна состојба поради снежните бури и густата магла, кои зедоа најмалку шест жртви.

Најтешка е ситуацијата во Алабама и Џорџија. Илјадници студенти останале блокирани во училиштата. Десетици деца кои биле испратени во своите домови пред почетокот на снежните врнежи, преноќиле во училишните автобуси.

Националната гарда е испратена во помош на локалните спасувачи и на полицијата. Црквите, пожарните и спортските сали се претворени во засолништа за луѓето кои се блокирани по патиштата.

Само во Џорџија за една ноќ имаше речиси 1.000 несреќи, при што загина едно лице, а повредените се над 100.

Во реонот на Пенсакола во Северна Флорида ситуацијата е толку критична, што беше забрането движењето на сите возила, освен на автомобилите на брза помош. Илјадници домаќинства во погодените држави се без електрична енергија.