Снимател на Al Jazeera убиен во Газа

Снимател на катарската телевизија Ал Џезира е убиен во петокот во јужниот дел на Појасот Газа, изјави портпаролот на телевизијата.

Снимателот Самер Абу Дака и неговиот колега боле ранети додека известувале за бомбардирање на училиште, се вели во претходното соопштение на Al Jazeera. Спасувачките екипи не можеле да дојдат до Абу Дака за да му пружат медицинска помош, се додава.

„Спасувачите успеаја да го пронајдат само телото на снимателот Самер Абу Дака“, изјави портпаролот на телевизијата.

Од Al Jazeera соопштија дека новинарите биле погодени од проектил лансиран од беспилотно летало во градот Кан Јунис во јужна Газа.

„Откако беше ранет, Самер беше оставен да искрвари до смрт повеќе од пет часа, бидејќи израелските сили ги спречија возилото на итната помош и спасувачите да дојдат до него, ускратувајќи му ја многу потребната итна помош“, се вели во соопштението на Al Jazeera.

Новинарите известуваа од градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа, кој последните денови стана центарот на израелската копнена офанзива.

Главниот дописник на Al Jazeera, Ваел ал-Дахдух, во истиот напад бил ранет во раката, но успеал да стигне до блиската болница, се наведува во соопштението на телевизијата.

Дахдух, дописник од Газа, стана особено познат на гледачите ширум Блискиот исток откако минатиот месец за време на емотивниот пренос во живо дозна дека неговата сопруга, син, ќерка и внук биле убиени во, како што рече мрежата, израелски воздушен напад.

Најмалку 64 новинари и медиумски работници се убиени во двомесечната војна во Газа, објави во петокот Комитетот за заштита на новинарите (CPJ). CPJ ги повика меѓународните власти да „спроведат независна истрага за нападот за да ги повикаат сторителите на одговорност“.

Запрашан за убиството на Самер Абу Дака, портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби на редовнито дневен брифинг им одговори на новинарите: „Сè уште немаме индиции дека Израелците намерно ги таргетираат новинарите кои известуваат за оваа војна“.