Годинашното издание на фестивалот „Охрид фест 2021“ ќе се снима и тоа без присуство на публика, а ќе се емитува по деновите на жалост.
Ваквата одлука Советот на фестивалот ја донесе од причина што фестивалот, чие одржување беше закажано за 10 и 11 септември, не може целосно да се откаже, бидејќи се работи за настан на кој е предвидено учество на музички имиња од поширокиот регион, кои се веќе пристигнати во Охрид.
„Сочувствуваме со болката на семејствата на жртвите во несреќата во Тетово. Бидејќи фестивалот требаше да се одржи на 10 и 11 септември, се одлучивме истиот да се снима, без присуство на публика, без новинари и без доделување награди. Ќе се искористи само сцената на Долни Сарај, нема да има озвучување, а по договор со МРТ, ќе се емитува по деновите на жалост“, додаваат од Советот на Охрид Фест.
Според нив, тоа е единствено решение во овие тажни денови, бидејќи изведувачите од целиот Балкан се пристигнати во Охрид.