Сириската државна телевизија ги објави првите снимки од земјата по воздушниот напад извршен од САД, Франција и Обединетото Кралство.
Првата видеоснимка објавена од страна на сириската државна телевизија покажува голем кратер, наводно направен од американски ракети. На видеото се гледа како Сиријците одат на работ од кратерот во предградијата на Хомс.
Во друго видео од сириската државна телевизија се гледа разорувањето на научно-истражувачкиот центар во близина на Дамаск. Сириската армија соопшти дека едукативниот центар и лаборатории биле уништени при нападот врз центарот.
Официјалните претставници на Пентагон соопштија дека целта на нападот е „срцето“ на програмата за развој и производство на хемиско оружје на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Нападот во Сирија беше извршен како одговор на наводната употреба на хемиско оружје во сирискиот град Дума минатата недела, додека Русите тврдат дека нема докази за хемиски напад.