Со поддршка на ЕУ ИПА 2-програмата во номври 2024 година почната е имплементацијата на проектот со кој ќе се доусогласува законската рамка за квалитетот на воздухот со европските регулативи, објави Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во рамките на двегодишниот проект за кој Европската Унија обезбеди средства во висина од 1,5 милион евра, целосно ќе се транспонираат европските директиви (2008/50/EC, 2004/107/EC и 2016/2284/EC) во националното законодавство, односно ќе се докомплетира законската легислатива.
Во согласност со директивите ќе се изработи комплетно нов закон за квалитет на амбиенталниот воздух и повеќе подзаконски акти, односно правилници што ќе ги следат барањата на ЕУ-директивите, и со тоа ќе се обезбеди поголема уреденост на оваа област. Исто така, ќе се подготват и планови за имплементација на директивите за квалитет на воздухот, со вклучени фискални импликации за нивно спроведување.
Проектот вклучува и националните плански документи за заштита на амбиенталниот воздух, што произлегуваат од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, во кои ќе се дефинираат и приоретизираат мерките за подобрување на квалитетот на воздухот во соработка со надлежните институции.
Во исто време ќе се работи на подобрување на националниот инвентар за емисии во воздухот и подготовка и спроведување план за мониторинг на тешки метали, полициклини ароматични јаглеводороди и испарливи органски сооединенија. Во согласност со зголемениот обем на мерења, ќе се воспостават зони и агломерации за овие супстанции. Ќе се зајакнуваат и административните капацитети за нивно спроведување и со тоа подобрување на квалитетот на воздухот.