-Задоволна сум од сработеното и најавувам дека продолжуваме со исто силно темпо, максимално посветени кон учениците, студентите, наставниците, професорите, исто како и во првите 3 месеци. Отпочнати се крупни промени и им благодарам на сите кои учествуваат во нивното креирање и имплементирање. Имаме идентична цел и ќе продолжиме да градиме поквалитетно образование, за подобра иднина на младите во својата земја.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната прес конференција на која информираше за резултатите од работата во првите 100 дена од мандатот на новата Влада, во областа на образованието.
„Моето прво, а воедно и реализирано ветување беше навремено достапни учебници за сите ученици. После седум години, за прв пат навремено се испорачани учебници за сите ученици. Над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден. Успеавме да изработиме и повеќе нови учебници и наставни материјали по предмети за кои, до скоро воопшто немаше никакво помагало – 10тина во основното и 100тина нови наслови во средното стручно образование“, рече Јаневска.
Информираше дека министерството се посвети и на инфраструктурата, па така 36 капитални инвестиции во изградби и реконструкции на училишта се реализираат во моментов, како и 40 помали санации на училишни објекти. Потсети дека започната е и етапна реконструкција на државните студентски домови. Градежни активности се реализираат во Кузман Јосифовски Питу и Стив Наумов во Скопје, во вредност од 17 милиони евра.
„Во 140 училишта е воведена квалитетна, економична и ефективна едносменска настава, а наскоро бројот ќе се зголеми за 50тина. Заедно со наставниците се изработуваат нови наставни програми од седмо до деветто одделение, откако претходно беше стопирана Концепцијата за основно образование во овие одделенија и се одделија предметите кои, преку спојување на историјата со географијата и граѓанското образование, ги обезвредни претходната влада. По цели 20 години e започнат и процес на етапна изработка на нови наставни програми во гимназиското образование“, рече Јаневска.
За прв пат во основните училишта се ангажирани над 1000 образовни асистенти, а ќе се постапи и по дополнително пријавени потреби од страна на родителите и старателите во меѓувреме.
Јаневска информираше дека се менува и законската регулатива заради повеќе и подобри образовни можности во Македонија.
„Пет закони се предмет на јавна дебата – за основно образование; за средно образование; за средно стручно образование и обука; за образование на возрасните; за Национална рамка на квалификации, а уште други 5, наскоро ќе треба да поминат низ филтерот на експертската јавност“, рече министерката, додавајќи дека ја поништила и одлуката за основање на Факултет за здравствени науки на Меѓународниот универзитет во Струга, кој не ги исполнувал условите за почеток со работа.
Министерката Јаневска спомена дека буџетот на МОН пред три месеци е затекнат во минус од 5 милијарди денари, но со ребалансот дел од парите биле вратени во касата за да можат да се сервисираат услугите и да се исплатат сите задоцнети обврски кон граѓаните, како и кон институциите на кои, како што рече, срамно е да им должиме, потсетувајќи дека претходната Влада не исплатила средства за учество во ПИСА 2022, за учество во Хоризонт програмата на ЕУ и во Фулбрајт програмата на САД.
„Сета негрижа која постоеше до јуни, ја заменивме со 100 процентна посветеност кон чинителите на образовниот процес. Ги стопиравме лошите политики кои го намалија бројот на ученици за 17 илјади во изминатите 7 години. Покажуваме дека не сме сите исти и дека ако се сака, може да се направи повеќе за секој еден граѓанин на нашата заедничка држава“, додаде Јаневска.