Соња Симовска доаѓа на местото на Јовески до изборот на нов републички обвинител

Обвинителката Соња Симовска ќе биде нова в.д. републичка обвинителка на местото на Љубомир Јовески. Таа на функцијата ќе ја извршува до регуларното именување на републички обвинител, процедура која оди преку Владата и Собранието.

Симовска во понеделник ќе ја презеде функцијата од досегашниот шеф на обвинителството Јовески, чиј шестгодишен мандат истекува во понеделник. Јовески кој по функција е член на Советот, не дојде на денешната седница на која се бираше негов в.д. наследник.

Симовска дојде како предлог на претседателката на Советот, Душица Димитриеска, а едногласно беше изгласана од сите членови. Таа работела како приправник во скопското обвинителство, а потоа и како обвинителка во ОЈО Скопје. Од 2009 до 2021 била виша обвинителка во Скопје, а од почетокот на 2022 е дел од републичкото обвинителство.

„Се работи за јавен обвинител кој има долгогодишно искуство, докажан како добар јавен обвинител и со оглед на искуството може успешно да ја извршува функцијата”, рече Димитриеска.

Советот назначува в.д. обвинител бидејќи власта не ги започна процедурите за избор на нов републички обвинител на време. Огласот беше објавен на 29 ноември и траеше 15 дена. На него се пријавија тројца обвинители: Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски.