Александра Грозданова, претседателка на Комитетот за имунизација посочи дека информациите за користење на вакцината на „Астра Зенека“ кај постарата популација, односно над 65 години ги следат на тековна основа.
– Се уште официјални информации од страна на Европската медицинска агенција (ЕМА) ниту од СЗО нема за нејзино некористење над 65 години, но искуствата на другите земји вклучително Франција, Италија, веќе и Шпанија излегоа со некои препораки. Тоа ќе го следиме и ние и очекуваме дека – да, оваа вакцина најверојатно ќе биде давана во категоријата на граѓани под 65 години. Не станува збор за безбедноста на вакцината, туку оваа вакцина помалку дава ефект на заштита кај постарата популација и токму поради тоа се користи кај помладата популација. Но, сите вакцини во клиничките студии не беа тестирани на возраст до 18 години, така што оваа група на возраст воопшто не се ни планира во оваа фаза да се вакцинира – рече Грозданова.