![spomenik bogomilski mars](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/spomenik-bogomilski-mars.jpg?resize=696%2C399&ssl=1)
Градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски, пријавил во полиција дека на спомен обележје над здравствена установа во Јасеново, на стариот пат кон Прилеп, со брусење е оштетен дел од текстот на плочата на споменикот за Богомилскиот марш, објави Телма.
Полициските екипи излегле на лице место и преземаат мерки за расчистување на случајот. Инцидентот бил пријавен во 16:45, иако на социјалните мрежи и претходно имаше објави за уништувањето на споменикот.
Од Министерство за култура за телевизијата одговориле дека споменикот не е регистриран како заштитено културно наследство, туку дека како споменично обележје за неговото одржување е надлежна Општина Чашка.
Инаку, според Законот за меморијални споменици и спомен обележја, предвидена е казна за кривично дело со парична казна или со затвор до три години за оној што ќе оштети или ќе уништи меморијален споменик.