Ќе се прошират капацитетите за хоспитализација на пациенти на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, информираа министерот за здравство Венко Филипче и американската амбасадорка во земјава Кејт Мари Брнз при денешната посета на клиниката. Тоа ќе биде направено со финансиска поддршка од 800.000 долари од Европската команда на Армијата на Соединетите Американски Држави.
Со оваа инвестиција целосно ќе се заокружи процесот на обнова на просторните услови во рамки на Клиниката започнат во 2017 година. Финансиската поддршка се реализира преку Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.
Амбасадорката Брнз изјави дека проширениот и обновен објект на клиниката ќе биде од корист не само за граѓаните на Северна Македонија туку и за целиот регион.
Таз изрази благодарност на директорката на клиниката Ирина Пановска Ставридис за овој проект, но и за другите залагања за унапредување на болницата. Благодарност искажа и до министерот Филипче за партнерската соработка и за раководењето на активностите за справување со корона-кризата.
– Многу работи се сменија откако почнавме да разговараме за овој проект. С. Македонија стана дел од НАТО, станавме сојузници, доби покана од ЕУ за започнување на пристапниот процес, а се случи и пандемијата со ковид-19. Тоа што не се смени во сите овие години е заложбата на САД да работи со С. Македонија за подобрување на здравствениот систем. Среќна сум што таа соработка се развива. Ќе продолжиме да работиме заедно не само за справување со пандемијата, туку и за зајакнување на здравствениот систем, науката, технологијата во интерес на сите граѓани – рече амбасадорката Брнз.
Министерот Филипче потсети дека Амбасадата на САД беше првата што помогна со лична заштитна опрема, со 60 респиратори што ги добивме преку НАТО и со уште еден проект којшто е вреден 300 илјади евра за поддршка на нашиот здравствен систем во делот на медицинска опрема која ни е потребна за справување со ковид кризата.
– Ова е уште еден доказ дека пријателите и партнерите треба да се тука и да се најдат кога е најмногу потребно, а САД го докажаа токму тоа дека стратешкото партнерство вреди тогаш кога пријателите се тука да помогнат и да се најдат да се пребродат тешки моменти, посебно една ваква криза која што е криза во целиот свет – рече Филипче.
Тој кажа дека со поддршка од САД која трае подгол период, реновирани се капацитети и во болницата „8 Септември“, изградена е нова зграда во болницата во Демир Хисар, реновирано е одделението за неврологија во Клиничкиот центар, а во тек се работи и на Клинката за максилофацијална хирургија.
– Овој проект за надградување физичка и инфраструктура на Клиниката за хематологија за нашите пациенти значи многу. Значи дека таа нова метода која што започна да се прави на оваа Клиника благодарение на овој тим, на овие лекари предводени од директорката и менаџерите на Клиниката пред две години, метода која што дотогаш не беше можно да се направи на нашата Клиника и пациентите се праќаа во странство, практично ќе значи дека ќе се одвива во многу подобри услови, ќе имаат пристап многу поголем број пациенти и секако метода која што ќе може како и сега да се нуди во околните земји поради тоа што таа метода не се прави никаде во нашиот поблизок регион – рече Филипче и им се заблагодари на сите вклучени во проектот и на сите ангажирани во справувањето со пандемијата на ковид-19.
Тој изрази надеж дека соработката со Амбасадата и со САД ќе продолжи и понатаму поради тоа што кризата покажа оти врските посебно во делот на здравството се многу битни и нераскинливи.
Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис посочи дека со помошта од САД ќе се надгради еден спрат на клиниката и ќе се зголемат просторните капацитети. Со оваа донација се заокружува процесот на реновирање што заедно со веќе воведените нови и современи методи за лекување прави клиниката да прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни хематолошки заболувања.
– Досега нашата клиника имаше капацитет да спроведува 50-60 трансплантации годишно и притоа пациентите од регионот коишто бараа здравствена помош кај нас многу често не можевме да ги прифатиме бидејќи немавме просторни услови. Сега со новоизградениот оддел ние прераснуваме во регионален центар и директна корист со оваа донација ќе имаат сигурно околу стотина македонски здравствени корисници и на годишно ниво и 20 пациенти од регионот – истакна Ставридис.